X
 14.01.2016 Живот

Светот сега може да го спасат само оние со црно под ноктите


Каде исчезнаа оние прекрасни човечки особини со кои нашите дедовци и прадедовци се гордееле? Каде се, да речеме, чесниот збор, достоинството, џентлменството? Како еден маж воопшто може да се нарече маж, ако не е џентлмен, ако неговиот збор не значи ништо, ако нема достоинство? Каде исчезнала женственоста, дамското однесување, префинетиот говор? Како една жена воопшто може да се нарече жена ако пие пиво од шише, плука на улица и пцуе?

Кога престанавме децата да ги учиме на авторитет, убаво однесување, трпение, чекање во ред, поздравување на постарите и секому да кажат „извини“, „молам“ и „фала“? Каков тоа свет очекуваме, да се создаде со каков магионичарски трик околу нас, доколку и самите не го цениме однесувањето кое стотици години се нарекувало човечко, културно, нормално?

Зарем треба да се срамам од својата насмевка, убавите манири, скромноста, искреноста, чистината на душата? Зарем треба да се менувам за да се вклопам? Дали ќе ме ценат според изгледот, по згодноста на телото, убавината на лицето или по она што ми е во главата и по она што излегува од мојата уста? Дали ќе се распрашувате колку сум успешна, позната, „голема“, пред да ги послушате моите зборови? Дали ќе ви биде важно колку заработувам и каков автомобил возам, каква ми е гардеробата и колку е модерен мојот мобилен телефон? Или ќе ме цените по тоа што упорно се обидувам да го живеам својот живот по највисоките морални вредности?

Кога повторно ќе биде модерно луѓето да си помагаат без никакви очекувања и скриени намери? Кога повторно ќе бидат ценети оние кои се работни, вредни, чесни до бол; оние паметните, добродушните, фините? Колку околу вас има такви? Дали ги цените? Или попрво гледате во оние што возат брзи автомобили и имаат куп недвижности и други извори на богатство, до кои никој жив не знае како стигнале? Дали замижувате на нивното однесување, бескрупулозно газење на сè пред себе, само да сте во „високото општество“ или од таквите да добивате плата, да позајмувате пари? А оној сиромавиот кој работи во фабрика и чесно ја заработува својата дневница и едвај има леб да јаде, но би дал душа за некој и живот и сè што има, бидејќи е човек, бидејќи е човечиште, дали на него му вртите грб бидејќи нема ништо освен себеси?

Објаснете ми, слободно, во коментар под текстот, како планирате да го менувате светот околу себе додека не почнете во луѓето да ги цените особините кои секоја личност, секоја држава, секој континент во секое време го прават поубав и подобар за живот? Особините како чесност, верност, искреност, трпеливост, великодушност, смиреност, праведност, човечност, мирољубивост, моралност, колегијалност, милосрдие, внимателност, мекост на срце, домродушност, и многу, многу други. Особините кои човекот го прават човек.

Тогаш, кога ќе започнеме убаво да се однесуваме, да се согласуваме, да си помагаме, да се сакаме, без оглед на статусот, финансиската состојба и накитите кои висат на нас, тогаш ќе видиме светло на крајот од тунелот. Тогаш ќе имаме некакви шанси да доживееме некој, барем малку помирен, повесел, поубав свет. Се лажете опасно доколку верувате дека е поинаку. Лошото не може да донесе добро. Кавгата не може да донесе мир. Грдиот збор не може да донесе слога. Пружањето нога не може да донесе успех. Некој ве излажал, ако ве убедил во тоа. Таквиот свет не функционира. Можеби вашиот свет моментално функционира така, но и тоа поминува. Само квалитетот останува. Доброто и љубовта секогаш победуваат. Чесниот човек секогаш опстојува, додека измамниците сјаат со поголема светлина, но пократко траат.

Кога ќе започнете да ги бојкотирате измамниците, мафијашите, криминалците? Кога ќе обрнете внимание на оној со валкани, мрсни раце, со црно под ноктите, кој со своја пот заработува за свој леб? Тој сиромав со валкани раце ќе ви помогне попрво отколку оној полу-човек со црна, валкана, отруена душа. Всушност, сите сме тие сиромави со црно под ноктире, сите ние црнчиме на овој или оној начин. Зошто тогаш вртиме глава едни на други?

Освести се, обичен човеку. Сите околу тебе се обични. Најслатко е да се биде обичен човек, вреден, чесен, исполнет со мирна совест, љубов кон блиските, опкружен со искрени пријатели, со чашка разговор и малку мезе. Без бесен пес покрај столицата, електрична ограда околу домот. Обрни внимание на сличните на тебе, помогни им да испливаат, па и ти ќе испливаш заедно со нив. Кога веќе еднаш ќе започнеш да ги цениш вистинските работи?

Автор: Бојана Чупиќ

Извор: Konkretno.co.rs

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот