X
 01.03.2016 Живот

Писмо од една баба до новородената внука: "Не се плаши да добиеш лоша оцена "

„Не тврдам дека знам сè за животот, но на крајот на краиштата јас сум ти баба и сакам да бидеш среќна. А овие мои совети во тоа нема да ти пречат!“


 „Драга моја, ова писмо можев да го напишам пред четвртина век, за твојата мајка... Но тогаш имав дваесет и пет години и се грижев за други прашања: како да го прехраниме семејството, дали ќе успеам да го однесам детето во градинка и да стигнам на предавање.

Твојот дедо работеше ноќна смена и не можеше да ми се најде кога твојата мајка по цела ноќ плачеше поради честите детски болести. Сега имам педесет години и малку повеќе искуство кое би сакала да го споделам со тебе. Не тврдам дека знам сè за животот, но на крајот на краиштата јас сум ти баба и сакам да бидеш среќна. А овие мои совети во тоа нема да ти пречат!

Не се плаши од паѓањето

Лулај се, лизгај се, вози велосипед, ролерки и не се плаши да паднеш. Ќе боли, но воедно ќе научиш да бидеш брза и да станеш кога ти се плаче.

Не се плаши да покажеш став

Не е твоја обврска да молчиш ако нешто не ти се допаѓа или не се согласуваш со нешто. Не го криј своето мислење ниту поради другарство ниту поради љубовта. Ако не чујат што имаш да кажеш или бараат да бидеш лојална - тргни се од таквото другарство и таквата љубов.

Не се срами да се извиниш

Само храбрите девојки умеат да се извинат и да ги согледаат своите грешки, а јас баш би сакала ти да бидеш таква. Не е лесно да се каже: Извини, не бев во право. Како може да ја поправам ситуацијата? Но, тоа треба да се научи, а кога ќе го научиш тоа, никој веќе нема да те победи.

Не се плаши да добиеш лоша оцена

Единицата воопшто не е страшна работа. Единицата ти укажува на слабите точки и ти кажува на што треба да поработиш. Послабата оцена не значи дека си глупава. Тоа ти е е само мотивација за работа.

Не се плаши од тоа да не бидеш популарна

Додека сите популарни шмизли одат по журки, губат време по разни сокаци, со денови седат на интернет качувајќи фотографии, ти ќе го совладаш, да речеме, стрелаштвото, јавањето, пеењето и сл. На 18 години тие популарни и понатаму ќе пеглаат столица пред компјутер, а ти веќе ќе го освојуваш светот и можеби ќе тргнеш на пат околу светот.

Не плаши се на другите да им бидеш „чудна“

Од тоа не се плаши ни твојата баба.

Не се плаши од заљубувањето

Заљубувањето еднаш ќе дојде во секој случај. А ти радувај се што си пораснала.

Не се плаши од првиот бакнеж

Верувај ѝ на баба ти дека тоа е чудесно! Не плаши се, сите жени во нашето семејство се бакнуваат одлично - тоа ни е во крвта.

Не плаши се да се омажиш или да не се омажиш

Кога ќе пораснеш, никого не треба да го интересира дали имаш бурма на раката или немаш. Но, ако си одлучила дека бракот и семејниот живот се за тебе, настојувај да го запознаеш човекот на својот живот и тогаш сè ќе биде добро. Нема да те нервираат дури и расфрлените чорапи по целата куќа. Покрај тоа, тука ќе биде некој кој ќе те масира, ќе имаш некој со кого ќе го шеташ кучето...

Не плаши се од раѓањето

Нема да те лажам - боли. Но тоа е нешто најубаво што може да се случи во животот на една жена.

Не се плаши од разводот

Во животот се случува сешто. Најважно е да не очајуваш и да не се повлекуваш во себе. Разводот не е крај на животот. Тоа е почеток на нешто ново, и најверојатно, поинтересно и подобро.

Не плаши се од самотија

Понекогаш е корисно да се биде сам. Може дури и да се ужива во самотијата. Само, тоа во случајот на нашето семејство не трае долго - нè знам јас.

Не плаши се да заплачеш

Храбрите ги одбираат солзите. Јас сум храбра и го правам она што го сакам: ако сакам - плачам, ако сакам - се смеам, ако сакам - расфрлам чорапи по цела куќа.

Не се плаши да пробаш нешто ново

Не мисли на тоа колку години имаш и што ќе речат другите. Земај го најдоброто од животот и не е важно колку е неразумно тоа што го сакаш.

Не се плаши од стареењето

Со годините ќе започнеш повеќе да го цениш животот и уште повеќе да ги сакаш најблиските. А после можеби и ќе им напишеш писмо на своите внуци.

Не се плаши од заминувањето на најблиските

Долго се двоумев дали да ти го напишам ова. Но губењето е неизбежно. Блиските луѓе заминуваат - но љубовта останува...

Те сака твојата баба.“


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот