X
 26.04.2016 Образование

Наставниците во Финска - пријатели и водичи низ образованието, а не роботи

финска

 

Учениците во Финска своите наставници ги доживуваат како пријатели. Ги почитуваат, ценат, блиски се со нив, им се обраќаат на име, им ги кажуваат нивните тајни, заедно учат, работат и разменуваат мислења. Не им персираат и ова е општо прифатена норма на однесување.


Она што е најважно е дека процесот на образование во Финска не е процес кој се издвојува, тоа не е „ние“ и „тие“ систем, тоа е процес кој ги спојува учениците и наставниците во нивната цел и ги подготвува за животот. Исто така и воспитанието, како составен дел од воспитно-образовниот процес, во Финска се доживува како средба помеѓу човечки суштества - возрасните и оние кои растат. Повеќе за ова можете да прочитате и во интервјуто кое неодмана го направивме со Арто Ваахтокари, наставник од Финска.

Фиксни распореди, повеќечасовно седење во училницата, презентациски наставен процес, тестови, контролни задачи, наставни ливчиња, казни, страв од оценки - ова не се ситуации со кои се соочуваат децата во финските училишта. Активноста на учениците е на прво место.

Финска стана глобално популарна поради нејзиниот најдобар систем на образование во светот и во Европа, но финските наставници, и не се баш толку среќни и им е непријатно поради сето тоа внимание, посебно затоа што не сакаат да бидат споредувани со другите. Она на кое финските наставници се особено горди е фактот што Финците, му веруваат на финскиот училишен систем кој е доста значаен успех уште од осамостојувањето во 1917 година. Финците овој успех го ценат повеќе од високиот ранг на листите на глобалното образование. Тие едноставно не се оптоварени со личниот успех, резултатите, славата... фокусирани се на тоа како да го извлечат максимумот од своите ученици.

Во Финска се` е насочено кон ученикот и неговата активна улога во воспитно-образовниот процес. Сите наставници од 1978 година имаат титула магистер, а програмите на нивните студии се базирани на теориски знаења, пракса и истражувачки труд. За квалитетниот и ефиканскиот систем посебно влијае и истражувачката пракса на која се обрнува доста внимание бидејќи истражувачката ориентација е насочена кон тестирање и проширување на знаењето преку разбирање и критичко преиспитување на праксата, по пат на собирање и анализа на богати емпириски евиденции.

Реформите во образованието траат од одамна, но секогаш без големи стресни промени. Голем број на млади луѓе се одлучуваат да бидат наставници, но само најдобрите успеваат да се запишат и да ги завршат студиите и да ја добијат работата од соништата. Студентите кои учат да бидат наставници од своите предавачи и постари колеги добиваат соодветни совети, препораки, искуства и учат едни од други. Во оваа професија нема себичност, сите учат едни од други, бидејќи изолацијата и себичното чување на знаењето е непријател за секој напредок. Идните наставници во теко на нивното студирање редовно посетуваат семинари, конференции и програми за професионален развој. Обврска на сите кои работат во образование е континуирано професионално да се развиваат и од буџетот на државата секоја година се издвојуваат големи средства за таа цел.

Наставниците во Финска се советници и водичи низ учењето, а никако предавачи и роботи за давање информации и дефиниции. Нивната основна улога во основно училиште е кај децата да ја поттикнат љубопитноста и желбата за знаење. Фокусот на наставата е да поттикнат знаење, а не оценување. Бидејќи луѓето по природа се создадени доживотно да учат, основната улога на наставникот, почнувајќи од почеток, е да ги поттикне учениците да започнат да учат и да имаат желба за знаење. Поради тоа, училиштата во земјите кадешто акцентот е ставен на оценките, тестовите, контролните задачи, исполнување норми, слепо држење до плановите и програмите - предизвикуваат стрес, страв, создаваат аверзија кон учењето и лошиот однос кон училиштето и наставниците.

Финските наставници за време на часовите можат да разговараат со учениците, да дискутираат, а учениците активно учествуваат, размислуваат и донесуваат заклучоци. Се` е подредено за на учениците да им се обезбеди индивидуалнo внимание, а за да се постигне тоа, училиштата имаат мали одделенија кои варираат од 14 до 18 ученици, најмногу до 20. Наставниците во текот на наставата имаат помош од студент на пракса или просветен асистент, а по потреба и специјални наставници за деца со посебни потреби. Училиштата употребуваат и дигитален администрациски систем па така на страната на училиштето стои распоредот на часови, списокот на учениците по одделенија, кој ден бил присутен/отсутен, за постарите распоред на тестовите, резултатите/оценките и краток впечаток од наставникот. На оваа страна, освен учениците, пристап имаат пристап и родителите. Во училиштата е дозволена употреба на мобилните телефони. Атмосферата е опуштена но со дисциплина. Учениците и наставниците често заедно јадат и разговараат на исто ниво.

Таткото на финското основно училиште, Уно Кугнаеус (1810-1888) зборувал дека во училуштата секогаш најдобри одделенија се оние каде учениците зборуваат повеќе од наставникот. Ниту едно одделение не работи исто - ниту една училница, ниту еден час не личат еден на друг бидејќи секој свој наставник има свои методи, свој начин и свој избор на наставна единица. Наставниците имаат и целосна автономија во се`. Просветната инспекција при Министерството за образование е укината во 1991 година.

Наставниците не држат класични предавања на своите деца, не им даваат тестови и не ги испитуваат а оценка, не им даваат домашни адачи се` до осмо одделение, а после осмо домашните задачи смеат да одземат од слободното време на децата најмногу 1 час, учениците не се под стрес, немаат фиксен распоред на часовите, не ги носат своите проблеми и фрустрации на училиште, а наставниците не ги тераат децата да седат неколку часа мирни во клупите. Училишниот ден во помалите одделенија трае 4 часа со паузи од 15 минути помеѓу часовите кои секогаш ги поминуваат надвор. После овие паузи, концентрацијата е подобра и мозокот освежен. Во Финска, образованието не оди во ширина, туку во длабочина и токму ова е големината на овој систем.

Финските наставници сметаат дека активната работа во училиштата е сосема доволна и домашните задачи само им го одземаат слободното време од детството. Децата во Финска се насмеани, не мораат да се плашат од конкуренција или неуспех.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование