X
 07.06.2016 Образование

МВР: Тарифата за испит кај осомничените професори била од 500 до 1000 евра


   
Тарифата за полагање на испит кај професорите од Економскиот факултет од Скопје осомничени во акцијата Еразмус се движела од 500 до 1000 евра. За сметка на добиените пари, тие на студентите им впишувале преодни оцени кои не ги заслужувале, а документирани се и случаи каде оценка добиле студенти кои или немале право да полагаат или пак воопшто не го пријавиле испитот во испитната сесија - соопшти денес МВР.

Шемата била разработена така што сопственикот на бифето на факултетот поткупот го земал директно од студентите, а потоа го предавал на асистентот, а тој пак го давал на професорите. МВР соопшти дека оваа нелегална шема се случувала за предметите „Основи на економија“ и „Основи на сметководството“, „Математика за економисти“, „Статистика за бизнис и економија“, „Економика на претпријатија“ и предметот „Менаџмент на мали бизниси“.

Од страна на МВР, до ОЈО поднесена е кривична пријава против осум лица на возраст од 29 до 65 години, од кои шестмина професори на „Економски факултет“ Скопје, еден демонстратор и сопственик на бифе. Тие се товарат дека сториле повеќе коруптивни дела како „примање поткуп“, „примање награда за противзаконито влијание“ и „давање поткуп“. Петтмина од обвинетите се приведени во полиција, а пак за лицата Т. Ф., С.Д. и Љ.Ј се повикани на разговор во Обвинителство. Притвор не е одреден за нити еден од осомничените. Од соопштението на МВР може да се заклучи дека покрај професорот Бобек Шуклев, осомничен е и академик Таки Фити, иако од оваа институција излегуваат само со иницијали за осомничените.

- Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал од 2014 година во координација со Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, по претходно добиени криминалистичко разузнавачки информации и пријави од оштетени граѓани-студенти, отпочна со криминалистичко истражување на коруптивни кривични дела, сторени од страна на универзитетски професори од „Економскиот факултет“ при УКИМ на начин што директно или индиректно преку посредници, барале и примале поткуп со цел студентите да ги положат испитите по предметите кои ги предавале професорите - изјавија од МВР.

Во акцијата Еразмус извршени се претреси во домовите, во професорските кабинети , како и просториите на бифето и студентските прашања на Економскиот факултет. При претресот кај еден од осомничените во возилото кое го управувал пронајдени се парични средства во износ од 1000 евра. Кај друг професор пронајден е и одземен телефонски апарат предмет на кривично дело, во неговиот кабинет пронајдени и одземени се четири индекси, а во домот на друг осомничен е пронајден еден индекс. При извршениот претрес во просториите на бифето пронајдени се две пријави за испит, а пак од просториите на студентски прашања при Економски факултет, Скопје одземени се 17 досиеја на студенти. При претресите пронајден е нотес во кој се содржани податоци од студенти, матични броеви.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование