X
 05.07.2018 Живот

Бил меѓу најбогатите луѓе во светот, а сега е осуден на 30 години затвор

Бразилскиот нафтен и рударски магнат Еике Батиста не толку одамна бил седмиот најбогат човек во светот, а во вторникот беше осуден на 30 години затвор поради корупција.

Богатството на Батиста пред шест години било проценето на повеќе од 35 милијарди долари, но во меѓувреме речиси целосно исчезнало.

Проблемите со законот почнале поради поткупување на поранешниот гувернер на Рио де Жанеиро, Сергио Карбала, на чии странски сметки уплатил повеќе од 21 милион долари. За возврат, компаниите на Батиста добиле многу профитабилни договори со државата.

bogat
Фото: Reuters


Оваа пресуда е последниот печат за кариерата на овој човек, кој некогаш беше симбол за економски подем на Бразил. Своето царство, кое се протегало од бизнис со нафта до градежништво, Батиста го стекнал сам, а откако се збогатил, не се двоумел да го покаже.

Тој бил познат по неговата љубов кон скапите автомобили, а неговиот раскошен животен стил служел како инспирација за цела низа млади бразилски претприемачи. Тој напишал и книга за својот успех, а на „Твитер“ имал над милион следбеници. Но сето тоа за брзо време се распаднало како кула од карти - многу од инфраструктурните проекти на неговите компании биле лошо испланирани и никогаш реализирани.

Најголем проблем сепак бил фактот што неговата империја била изградена врз основа на тесните врски со луѓето на врвот на владата, односно со помош на корупција. Откако започнала истрагата, тој изгубил речиси сѐ. Особено му бил болен моментот кога властите му ги заплениле седумте луксузни автомобили, вклучувајќи го и омилениот - „ламбургини авентадор“.

Денес, откако неговото богатство го нема, а компаниите и бизнис-проектите главно се распаднале, Батиста стана симбол на еден друг Бразил. Оној полн со корупција и економски проблеми што со години биле скриени под тепих.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот