На неодамнешната дебата на кандидатите за нов ректор на УКИМ, организирана од Професорскиот пленум, беше поставено и прашањето околу легитимитот на Студентскиот парламент, бидејќи не се одржани нови студентски избори веќе неколку години. Прашањето кое се актуелеизираше во последните денови е како студентските претставници во Сенатот во среда ќе гласаат за избор на нов ректор?
Професорката Елена Думова Јованоска, еден од шесте кандидати за нов ректор ни испрати допис и понуди еден предлог.
- Потикната од прашањата поставени на дебатата на кандидатите за ректор на УКИМ, поврзани со легитимитетот на претставниците на студентите во телата на УКИМ со особен акцент на Сенатот кој го врши изборот на ректор, би сакала да го изнесам следниот предлог до студентите на УКИМ.
Ги повикувам студентите активно вклучени во работата на Студентскиот парламент и Студентскиот пленум да седнат заедно и во една отворена и искрена дебата во склад со актуелниот Статут на УКИМ и правните акти на Студентскиот парламент на УКИМ, како и сите други правни акти на Република Македонија кои ја сочинуваат потребната легална основа, да изградат заеднички законски издражан став и предложат легитимни претставници на студентите во Сенатот на УКИМ. Ги повикувам да покажат дека како млади луѓе и студенти владеењето на правото и доброто на универзитетот го стават над дневната динамика на општествените токови, па дури и над моменталното чувство за изневерена правичност и праведност. Разногласието на студентите на УКИМ лесно може да биде злоупотребено од разни центри на влијанија на штета на целата академска заедница на УКИМ. Сакајќи да избегнам шпекулации избрав да им се обратам на студентите преку медиумот кој во континуитет ги следи интересите на младите и образованието, Факултети.мк - вели професорката Думова-Јованоска.