X
 27.08.2020 Образование

На УГД и на УКЛО почна поднесувањето документи, а в понеделник и во вторник на УКИМ. Имаат место за 17.326 бруцоши

На 31 август и на 1 септември ќе се спроведе пријавувањето за упис во прва година на најстариот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Поднесувањето на документите за упис на факултетите ќе се одвива онлајн. На УГД уписите се во тек од 24 август и ќе траат до 1 септември. Од денеска до 1 септември се поднесуваат документи на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола – УКЛО.

На факултетите и институтите при УКИМ, прелиминарната ранг-листа со резултати од успехот од средно образование ќе биде објавена на 3 септември, додека конечната ранг-листа ќе биде објавена на 7 септември. Примените кандидати ќе се запишуваат на 10 и на 11 септември.

- Кандидатите можат да се пријават в понеделник и во вторник до 16 часот, односно ќе треба да ги пратат преку е-пошта скенирани документите во системот за електронска поддршка IKnow. Потоа ќе има прелиминарна ранг-листа, а потоа пак, по одреден протокол ќе ги носат оригиналните документи - информира проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет.

Со годинашниот конкурс на 23. факултети има вкупно 10.798 слободни места. Од нив, 5.300 места се во редовната квота, а 4.438 се за кофинансирање на студиите. За вонредни студенти има 1.060 слободни места. Во државна квота се плаќа 200 евра годишно, во квотата со кофинансирање ќе се плаќа 400 евра.



На штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ годинава има 3.831 слободно место за новите бруцоши што ќе се запишат на некој од 12 факултети и трите академии.
На штипскиот универзитет студентите доставуваат документи со физичко присуство од 24 август до 1 септември, тоа е официјалниот рок. Претходно, од 1 јули секој кандидат можеше да се пријави во електронски систем, во кој си креира профил и внесува лични податоци. Универзитетското раководство било флексибилно, па дозволило кандидатите да донесат документи и пред рокот и затоа во голем дел веќе документите се доставени. Како што информира професорот Мишко Џидров, конечни резултати за примени кандидати ќе има на 4 септември. Вели дека има интерес за сите факултети.

Според конкурсот за упис на нови студенти на УКЛО, во академската 2020/2021 година на 11 високообразовни институции слободни се 2.697 места.
Подготвил: А.П. - Т.Г.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование