X
 17.06.2016 Наука

Потврден мит за електричните јагули во кој не се верувало со векови

Приказната за електричните јагули постои повеќе од 200 години. Оваа приказна веќе се смета за мит, но никој досега не проверил дали таа е вистинска.


Имено, во 19 век, германскиот истражувач Александар вон Хамболт ја истражувал Јужна Америка кога ангажирал локални рибари да му набават електрични јагули. Тој експериментирал со изработка на батерии и се надевал дека ќе открие „живи електрични апарати“, пишува „Слејт“.

Локалните рибари еден ден го однеле до езеро во кое тие започнале да ловат јагули со многу необичен метод. Наместо да ги ловат со мамки, тие ставиле 30-на диви коњи во матно езеро преполно со јагули, по што со викање и удирање ги спречиле животните да избегаат на копното. За да се одбранат од заканата, електричните јагули тргнале кон површината на водата, скокнувајќи и удирајќи ги коњите со струјни удари. Кога се исцрпиле, рибарите ги собрале јагулите за истражувањето на Хамболт.

Откако Германецот го објавил ова откритие во 1807 година, никој не сведочел на нешто слично, се' до Кенет Катанија, невробиолог и експерт за електрични јагули. Тој неодамна забележал нешто слично.

„Мислев дека се работи за луда приказна од 1800-те која веројатно е многу претерана, ако не и потполно измислена“, изјавил тој.

Еден ден, додека своите јагули ги префрлал од едно место на друго со метална мрежа, научникот забележал дека јагулите се вртат назад и наместо да бегаат од мрежата, тие одат кон неа, експлозивно напаѓајќи ја од водата. Катанија секогаш го мери електричниот напон во аквариумот со живи и можел да слушне колкава струја испуштаат јагулите.

Тој го повторил сето ова пред камера, но овој пат со лажна глава од алигатор и лажна рака. Тој сфатил дека приказната на Хамболт е вистина, објавувајќи го своето откритие во „Proceedings of the National Academy of Sciences“.

Брус Карлсон, невронаучник од Вашингтонскиот универзитет во Сент Луис, кој не учествувал во ова откритие, рекол дека е шокиран со висината која ја постигнуваат јагулите кога скокаат од водата.

Иако електричните јагули не ја менуваат количината на струја која ја испуштаат во текот на своите напади, волтажата која поминува низ телото кое напаѓа се зголемува поради што јагулата може да скока подалеку и повисоко од водата. Тоа е затоа што струјата која се движи од нејзината позитивно електризирана глава кон нејзината негативно електризирана опашка, кога поминува низ вода, создава круг, но кога се движи низ воздухот удира посилно бидејќи напонот е директно насочен кон жртвата.

Се верува дека јагулите го развиле овој механизам на одбрана во текот на сушните периоди низ историјата, кога морале да живеат во плитки бари, па бегањето од опасноста не било опција.



Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука