X
 29.10.2020 Наука

Откриени 1,8 милијарда „скриени“ дрвја во Сахара

Има многу повеќе дрвја во западноафриканската пустина Сахара отколку што може да замислите, покажува истражување спроведено со помош на детални сателитски фотографии и вештачка интелигенција.

Истражувачите избројале над 1,8 милијарда дрвја и грмушки во област од 1,3 милион квадратни километри во најзападниот дел на Сахара наречен Сахел.

- Бевме многу изненадени кога видовме дека во пустината Сахара растат многу дрвја бидејќи досега повеќето луѓе мислеа дека таму нема дрвја - вели Мартин Брант, професор по геолошки науки и природни ресурси на Универзитетот во Копенхаген и главен автор на истражувањето за дрвјата во Сахара.


Фото: Pixabay

Брант додава дека биле избројани стотици милиони дрвја во пустината, а тоа не би било можно без технологијата. Истражувачите користеле детални сателитски фотографии од американската вселенска агенција НАСА и напреден метод со вештачка интелигенција наречен „длабоко учење“.

Дрвјата во пустите предели надвор од шумите не може да се видат на обичните сателитски фотографии, па затоа се сметало дека големи делови од Сахара се комплетно пусти, односно дека во нив не растат дрвја.

Дрвјата надвор од шумските предели обично не се вклучуваат во моделите за климатски промени, па затоа пресметките во областа може да бидат погрешни, објаснува Брант. Но, новото истражување и моделите што се користеле во него може да помогнат да се добие појасна слика за дрвјата во светот. Освен тоа, идентификувањето на овие дрвја може да им помогне и на мештаните.

Автор: Марија Хорнбек
Извор: weforum.org
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука