X
 14.07.2016 Култура

Блескава авторка со мистериозен идентитет - Елена Феранте и Неаполските романи

Италијанската сензација за која зборува целиот литературен свет во минатите месеци сè уште го држи својот идентитет во голема тајност, и покрај огромната слава што нејзините романи ја уживаат во Европа, САД и остатокот од светот



Во пресрет на објавувањето на македонскиот превод на романот Мојата генијална другарка (Издавачки центар ТРИ, 2016), ви нудиме мал вовед во феноменот наречен Елена Феранте – мистериозната Италијанка родена во Неапол (еден од малкуте потврдени податоци за неа), која уште на почетокот на својата кариера, во писмо пратено до издавачот, изјавува дека својот идентитет ќе го држи во тајност без разлика на сè – нема да прифаќа интервјуа, средби, ниту ќе открива детали од својот приватен живот. И ќе пишува под nom de plume. „Верувам дека книгите, откако ќе бидат напишани, немаат потреба од автор. Ако имаат што да кажат, тие порано или подоцна ќе си најдат читатели.“



А нејзините книги за кратко време најдоа над 1 милион читатели. Како ретко која европска авторка досега, таа успеа да ги маѓепса и читателите во САД, каде настана вистинска „Феранте треска“ (#FerranteFever). Во меѓувреме Феранте се најде на листата на потенцијални добитници на меѓународната награда Букер со четвртиот и последен дел од Неаполските романи, Приказна за изгубеното дете, и на листата на највлијателни личности според магазинот Тајм. Со тоа се најде во центарот на вниманието на големите медиумски куќи, кои заедно со читателите, тргнаа во лов по нејзиниот идентитет. Па така, според едни, Елена Феранте беше г-ѓа Марчела Мармо, универзитетска професорка од Неапол, која мораше да ги разочара новинарските екипи пред својата куќа со објаснување дека својата креативност најчесто ја изразува „во кујната“. За други, иронично, таа беше, всушност – маж, теорија што предизвика бурна дискусија на Твитер, но беше веднаш отфрлена.

Неаполските романи се најголемиот феномен извезен од Италија што ја разбранува светската книжевна јавност. Мојата генијална другарка е првиот дел од овој четиритомен епски билдунгсроман за долгогодишното женско пријателство меѓу Елена и Лила, проткаено со интелектуално ривалство и сексуална љубомора, но безмерно длабоко и искрено... За нивното детство и потрагата по сопственото место во турбулентното општествено опкружување и културните стеги на повоена Италија. Следуваат продолженијата: Приказна за новото име, Оној што заминува и оној што останува и Приказна за изгубеното дете. За размерите и значењето на ова капитално дело доволно говорат штедрите пофалби на читателската публика и признанијата на книжевната критика.

„Лос Анџелес тајмс“: „Возбудлив, нагонски брутален и бескомпромисно директен... Фасцинантна анализа на изворот на моќта... Неаполските романи се маестрални.“

Џампа Лахири: „Циклусот Неаполски романи е несомнено ремек-дело... Се читаат со апсолутна обземеност; оставаат без здив. Не сакав да правам ништо друго освен да ги следам животите на Лила и Елена од првата до последната страница. “

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура