X
 09.09.2016 Култура

Навивачите на Борусија Дортмунд се борат против капитализмот во фудбалот

Навивачите на Борусија Дортмунд најавија борба против новиот прволигаш РБ Лајпциг, во којшто гледаат опасност за традиционалните фудбалски вредности.

Навивачите на Борусија Дортмунд се познати како едни од најфанатичните во Европа. Тие имаат клучна улога во креирањето на клупската политика, заради што цените на влезниците им се ниски, а клубот не е на продажба. Правилата на Бундеслигата не им дозволуваат на инвеститорите мнозинска сопственост над клубовите, освен во ретки преседани какви што се случаите со Баер Леверкузен и Волфсбург.

Влегувањето на РБ Лајпциг во Бундеслигата, предизвика вистинска мобилизација на навивачите во Германија, затоа што овој клуб е спонзориран исклучиво со парите на Ред бул. Навивачите на Борусија во знак на протест го бојкотираа гостувањето во Лајпциг и одлучија да го следат овој натпревар преку радио. Освен тоа, му забранија на домаќинот да го користи логото на Борусија за изработка на навивачки шалови со две различни половини, едната со боите на Лајпциг, а другата со боите на Борусија.

Проследувањето на натпреварот преку радио, наместо преку ТВ пренос е симболичен потег кој има за цел да се потенцира несогласувањето со модерните фудбалски трендови кои барем досега ја заобиколуваа Германија. Во соопштението со кое се повикува на бојкот, подемот на фудбалскиот клуб РБ Лајпциг се нарекува “сè она против кое се бориме”. Се повикува на борба за зачувување на традиционалните фудбалски вредности според кои емоциите на навивачите се најважни. Тие тврдат дека сопственикот на Ред бул, Дитрих Матешиц, нема чесни намери, сметајќи дека неговиот единствен мотив е маркетинг, со цел извлекување профит од фудбалот.

РБ Лајпциг беше приморан да ги заобиколи правилата за да може да настапува во Бундеслигата. Имено, правилата на лигата не дозволуваат клубовите да се именуваат според спонзорите, заради што беше “склепано” името Rasenballsport Leipzig што во превод би значело “спорт со топка на ливадата Лајпциг”. На сопствениците им беше важно како да се искамуфлира РБ во името на клубот, што е јасна референца на Ред бул.

Според правилата, Сојузот ги примора да им овозможат на членовите од навивачката група да партиципираат во работата на клубот, но и за тоа во Лајпциг имаа подготвено решение. И додека годишната членарина во Борусија Дортмунд изнесува 62 евра, во РБ Лајпциг изнесува 1000 евра. Како ефект од тоа, Борусија има 139.000 членови со право на глас, а во Лајпциг само 17, и тоа генерално соработници и вработени во Ред бул.

Подемот на Лајпциг со години наидува на отпор во Германија. На натпревар од втората Бундеслига, навивачите на Унион Берлин, ги почестија со петнаесетминутно молчење, додека навивачите на Динамо Дрезден беа многу порадикални. Тие на теренот фрлија отсечена глава од бик, праќајќи им јасна порака. Навивачите на Хофенхајм кои пред појавата на РБ Лајпциг имаа имиџ на вештачки клуб со пластични навивачи, испратија саркастична порака: “Бараме да ни се врати статусот на најомразен германски клуб”.
Слична беше ситуацијата во Австрија, кога Матешиц го купи клубот Австрија Салцбург и ги промени грбот, дизајнот на дресот и името, именувајќи го Ред бул Салцбург. Навивачите во знак на протест си основаа свој клуб со традиционалните име и дресови, а новиот клуб многу брзо стана најомразениот во Австрија.

Салцбург и покрај свежиот капитал, во девет сезони не успеа да се квалификува во Лигата на шампионите. Матешиц го премести капиталот на побогатиот германски пазар, претворајќи го Салцбург во развоен клуб. Таквиот однос кон клубот е токму она на коешто предупредуваат навивачите на Борусија и другите германски клубови.

Во Лајпциг имаат подготвени одговори на овие обвиненија. Тие ги обвинуваат противниците за лицемерие и истакнуваат дека нивниот клуб игра атрактивен фудбал и вложува во млади играчи. Тие тврдат дека подемот на клубот е голема работа за локалното население, затоа што во поранешната Источна Германија, шест години не се играше прволигашки фудбал, од отпаѓањето на Енерџи Котбус во 2009 година. Побогатиот Запад немаше милост кон посиромашниот Исток, заради што тие не гледаат ништо спорно во начинот на раководењето со клубот.

Со години се чинеше дека Бундеслигата е рај за навивачите. Демократското уредување на клубовите, евтините цени на влезниците и отпорот кон арапските, американските и другите милиони, претставуваа пример на навивачите низ светот кои се борат за поголеми права во своите клубови. Во појавата на РБ Лајпциг тие гледаат атак на своите вредности, заради што сосема сигурно на секое гостување ќе ги пречекуваат со вжештена атмосфера.


Борусија Дортмунд
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура