Иако не се занимаваат само со фудбал, за нив годините кога има Светско првенство по правило се најпрофитабилни. Милиони деца од светот, па и многу возрасни, пред секое големо фудбалско случување собираат сликички од фудбалери. „Панини“ нема светски монопол, но потрошувачите ги ценат традицијата и квалитетот.
Традицијата почнала пред повеќе од 50 години. Ако зборуваме за фудбал, тогаш пред 48. Во Италија, поточно во Модена, град со помалку од 200.000 жители, кој се наоѓа на северот од земјата и е познат по автомобилската индустрија поради фабриките на Ферари, Ламборгини, Масерати...
Фото: 100posto
Надвор од градот е сместена и куќата на фамилијата Панини, каде што почнала приказната за сликичките што го освоија светот. Фамилијата веќе имала киоск до катедралата и агенција за дистрибуција на весници кога во 1960 година браќата Бенито и Џузепе налетале на колекција сликички кои компанија од Милано не можела да ги продаде. Тие ја откупиле колекцијата, ја продавале во пакетчиња од по две сликички, а цената била десет лири.
Потегот се покажал како одличен. Биле продадени три милиони пакетчиња, што било доволно за производството и продажбата на сликички да им станат основен бизнис. Веќе идната година продале 15, а годината подоцна 29 милиони пакетчиња. Тогаш им се придружуваат и браќата Франко и Умберто, а вистинска експлозија настанала кога на сликичките почнале да ставаат фудбалери. Прво италијански, а потоа и светски.
Во 1970 година го издаваат првиот албум по повод Светско првенство, она во Мексико. Тоа била првата самолеплива колекција и првата колекција што се продавала надвор од Италија. Светот го запознал „Панини“ и веќе ништо не било исто.
Од година на година побарувачката станува сѐ поголема. До денес се продадени повеќе од милијарда сликички. Заработката од претходното Светско првенство во Бразил била околу 400 милиони долари, а оваа година се очекува да достигне милијарда долари.
Компанијата денес има повеќе од илјада вработени, а сликичките за Мундијалот ги издава во соработка со националните сојузи, на кои им ги праќа сите фотографии од избраните фудбалери на одобрување, а тие понекогаш ги замолуваат за одредени играчи да се искористи друга фотографија ако играчот не е задоволен како испаднал на првоизбраната, без разлика дали тоа е поради изразот на лицето или поради лошата фризура.
Но, треба да се земе предвид и дека албумот излегува во продажба многу порано пред објавувањето на конечните листи со играчи, па авторите мора да нагаѓаат. Секако, некогаш ќе погодат, некогаш не, но од „Панини“ сѐ уште ја истакнуваат ситуацијата од 2014 година кога во албумот го немаше Марио Гомес.
- Ни се јавија сите можни германски медиуми и нѐ критикуваа затоа што изоставивме еден од нивните најдобри играчи, а кога Лев објави дека Гомес нема да игра во Бразил, целосно ја свртеа приказната и нѐ нарекуваа визионери кои имаат информации пред сите - истакна уредникот на албумите, Стефано Мелегари.
Бројот на лица што ги собираат сликичките се зголемува секоја година бидејќи фудбалот е сѐ попопуларен, светското население сѐ побројно, сѐ повеќе деца почнуваат да ги собираат, а традицијата сѐ повеќе ги задржува и постарите.
Фото: 100posto
- Чувството на отворање и прегледување на сликичките никогаш не може да остари, а ако опстојува толку долго, значи дека вреди. Неотвореното пакетче е нешто мистериозно, нешто крие од вас. А кога ќе го отворите, кога ќе го слушнете звукот на кинење на хартијата, се чувствувате како да сте ослободиле нешто. Мирисот на сликичките се памети засекогаш, не може да ја замени никаков таблет или паметен телефон, а тие емоции можат да се споделат со милиони луѓе од целиот свет - истакна Антонио Алегра, директор за италијанскиот
пазар.