X
 05.10.2016 Живот

Длабокото море и хотелската супа со многу бибер знаат да им го уништат одморот на Македонците

По враќањето од одмор, туристите знаат да се пожалат и за неиздржани работи, од кои дел слободно може да се сместат во рубриката „верувале или не“, велат туристичките работници.



Во понудата за одмор пишуваше дека плажата е оддалечена од хотелот 200 метри, но реално беше 250 метри и ни беше пренапорно за пешачење. Длабокото во морето почнуваше по само еден метар, а никој не нѐ предупреди. Супата во хотелот ја правеа со многу бибер и цел одмор не каснав ниту една чинија. Ова се дел од бизарните поплаки на македонските туристи по нивното враќање од одмор со кои се соочиле туристичките агенции. Иако најголем дел од нашите туристи најчесто се жалат на сместувањето, лошата храна, неадекватниот превоз, има и такви кои тврдат дека некои неверојатни ситници комплетно им го уништиле одморот.

Домашните туристички агенции не сакаат јавно да зборуваат за бизарните поплаки што ги добиваат од своите клиeнти бидејќи не сакаат некој од нив да се препознае. Сепак, велат дека понекогаш и самите ги прераскажуваат како анегдоти и на нив се смеат долго време.

- Едно семејство од Кавадарци се врати од одмор на Халкидики и директно дојдоа во агенцијата да се жалат. Рекоа дека сè друго било супер, но имале голем проблем со сместувањето. Имено, во нашиот каталог пишува дека хотелот е оддалечен од плажата 200 метри, но тие мереле и сфатиле дека е оддалечен 250 метри. Ни рекоа дека за десет дека одмор непланирано пешачеле дополнителен еден километар поради што не се одмориле доволно. Бараа дел од парите назад – раскажуваат вработените во една од домашните туристички агенции.

Туристичките работници велат дека по враќањето од одмор, туристите знаат да се пожалат и за неиздржани работи, од кои дел слободно може да се сместат во рубриката „верувале или не“.

- Кога продавате аранжман на македонски турист, мора до сантиметар да знаете на која длабочина точно се влегува во морето, бидејќи во спротивно ќе му го уништите одморот. Сме имале случаи кога туристи се жалат дека длабокото почнувало многу блиску до брегот, а не сме ги информирале за тоа. Дека плажата била со нешто покрупни камења, а пишувало дека се поситни камчиња.Турист кој летуваше во Бугарија на враќање се пожали дека во хотелот супата имала многу бибер и дека десет дена не каснал ниту една чинија, а дома редовно јаде супа – раскажуваат туристичките работници.

За среќа на нашите агенции, македонските туристи според видот на жалбите се далеку од тие од Британија, Германија или САД, кои понекогаш знаат правдата за бизарните поплаки да ја бараат и пред суд. Така, светските медиуми јавуваат дека изнајмувач на апартмани и чамци во Хрватска завршил на суд бидејќи на семејство од Британија не им обезбедил доволно сонце. Имено, Британците реагирале дека на сликите во каталозите што ги гледале кога го уплаќале одморот имало сонце, а кога стасале во Хрватска за време на целиот одмор имало облаци. Друг Британец кој летувал во Португалија му се жалел на хотелскиот менаџмент дека креветите се преудобни, поради што тој летниот одмор го поминал во спиење и не можел да ги посети туристичките локалитети и да ужива во морето. Германка барала отштета од агенцијата бидејќи во хотелот во кој престојувала се служело преголемо количество храна и затоа таа се здебелила пет килограми.

Во соседна Србија, на врвот најбизарни поплаки на турист се најде една средовечна жена која по десетдневното летување во Грција бесна влетала во агенцијата и се пожалила дека неа и сопругот ги сместиле на несоодветно место и целосно ѝ го уништиле одморот. Имено, поради две згодни девојки од соседниот апартман, кои цело време разголени седеле на нивната тераса, нејзиниот сопруг го шинал вратот седејќи на балконот. Таа пак, скапо платениот аранжман главно го поминала во шпионирање и во расправање со сопругот.

Македонските граѓани кои имаат поплаки за организацијата на одморот прво треба да се обратат до туристичката агенција, а доколку тоа не вроди плод треба да поднесат претставка и до Државниот пазарен инспекторат. Искуството на оваа институција покажува дека граѓаните кај нив најчесто се жалат поради пониска категоризација на сместувањето, неквалитетен превоз, помалку денови на престој од платеното, како и поради откажување на патувањето во последен момент од страна на агенцијата. Бизарни жалби досега немале.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот