X
 17.11.2016 Здравје

Различни упатства за ист лек во земјава ги збунуваат родителите и го доведуваат децата во опасност

Во упатството за употреба на македонски јазик за природен сируп за кашлање има наведено дозирање за деца од 2 до 6 години, што значи дека може да се дава од две години, додека на самото пакување кое е на српски јазик, како и на оригиналното упатство од производителот пишува дека не се препорачува за деца помлади од 4 години.



Сируп за смирување кашлица кој производителот не го препорачува за деца под 4 години, во земјава им се дава и на двегодишни деца. Во упатството за употреба на македонски јазик кое го прави носителот на одобрението за продажбата на овој сируп во земјава има наведено дозирање за деца од 2 до 6 години, што значи дека може да се дава од две години, додека на самото пакување кое е на српски јазик пишува дека не се препорачува да се дава на деца помлади од 4 години. Истото предупредување дека смее да се употребува од 4 години нагоре стои и на интернет страницата на германскиот производител, како и на интернет страниците на увозниците во Србија, Хрватска и Словенија.

Дека за ист лек постојат различни упатства неодамна забележала мајка на двегодишно дете од Скопје на која матичниот лекар и го препишал сирупот.

- Ќерка ми кашла веќе еден месец. Испитавме се и не откривме никаков конкретен проблем, па матичниот лекар ни препиша сируп на природна база за смирување на кашлицата. Малку ми беше чудно што на толку мало дете препишува сируп за кашлање бидејќи знам дека на таа возраст се мали за да пијат такви сирупи. Сепак, лекарот ме убеди дека е безбеден и дека во упатството е наведено оти може да се дава - раскажува Драгана од Скопје.

Сепак, откако го купила сирупот, решила уште еднаш да го провери упатството а употреба. И тогаш сфатила дека на упатството на македонски јазик пишува дека може да се дава на двегодишни деца, но на кутијата пишувало дека не се препорачува за деца под 4 години.

- Тоа што го пишува на кутијата, го пишува и на стакленото шише, дека со сирупот може да се почне со наполнети 4 години. На кого да верувам, на упатството на српски или на тоа на македонски јазик? Сепак се работи за лек за мали деца, а две години е огромна разлика. Којзнае колку родители го прочитале само упатството на македонски јазик и им дале од лекот на своите двегодишни деца. Не ги обинувам ниту лекарите што го препишуваат бидејќи тие се водат според упатството на фирмата што го пушта во промет кај нас, а неа пак треба да ја контролираат надлежните институции - вели Драгана, која на крај решила воопшто на детето да не му го даде сирупот.

Надлежни за контрола на лековите што се продаваат во земјава се инсекторите на Бирото за лекови. Сепак, нејасно е зошто досега никој не ги забележал разликите во упатствата за ист лек. Вработени во аптеките велат дека најверојатно се работи за печатна грешка, но и нив им е чудно зошто досега никој не ја забележал и не реагирал.

Различните упатства за ист лек пред неколку години му предизвикаа големи проблеми на десетмесечно бебе од Скопје. Бидејќи било болно и имало висока температура, мајката по препорака на лекар му дала сируп за спуштање температура. Но, температурата на бебето нагло му се спуштила под 35 степени, па родителите цела ноќ го топлеле за да му се воспостави нормална телесна температура. Кога ги прочитале упатствата за лекот, сфатиле дека тие се разликуваат. На оригиналното упатство од производителот од Србија пишувало дека сирупот не смее да се дава на деца под 1 година, додека на упатството на македонски дека се дава од шест месеци. Објаснувањето од увозникот на лекот во земјава тогаш беше дека станува збор за печатна грешка.

Американските педијатри не препорачуваат сирупи за кашлање за деца под 4 години

Американската асоцијација на педијатри (AAP) од 2008 година стриктно препорачува на децата под 4 години да не им се даваат лекови за настинка и за кашлање. Во образложението на ААП стои дека препораката се базира на фактот што овие лекови најчесто освен основната состојка содржат и повеќе други, кои во комбинација со други состојки може да доведат до предозирање на децата. Научните истражувања спроведени во САД неколку години пред 2008 година покажале дека лековите за настинки и за кашлица кај децата под тригодишна возраст не делуваат многу на отстранување на проблемот, туку напротив - почесто предизвикуваат споредни ефекти, особено ако детето добие поголема доза од препорачаната. Тие ефекти може да бидат поблаги, од поспаност, дијареа или исип, но и прилично сериозни како што се тахикардија, конвулзии, па дури и смрт во мал број случаи.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје