X
 25.08.2018 Наша тема

Симнуваат притисок, намалуваат шеќер во крвта, смируваат нерви... Кои лекови најчесто ни ги препишуваат матичните?

Осигурениците на Фондот за здравство за 10. најпрепишувани лекови добиле 9.781.742 рецепти, а за друга терапија биле дадени уште 13.309.038

Терапија за намалување на крвниот притисок, за циркулација и уредна работа на срцето, за нормализирање на шеќерот во крвта, за смирување и против ревматски болки се најчесто препишувани од матичните лекари, кои граѓаните ги земаат на државен трошок. Овие лекови се на топ-10 листата по бројот на реализирани рецепти, т.е. терапија земена во аптека за која е платена партиципација. Осигурениците на Фондот за здравствено осигурување на Македонија-ФЗОМ за лековите од оваа листа добиле 9.781.742 рецепти, а за друга терапија биле дадени уште 13.309.038 рецепти.

„Еналаприл“ – најпрепишуван лек

Прв на листата со најпрепишувани лекови е „еналаприл“, за кој матичните издале 2.080.620 рецепти и се користи за регулирање на крвниот притисок. Според податоците на ФЗОМ, втор на листата е „метформин“ со 1.246.965 реализирани рецепти за регулирање на шеќер во крвта, а трет е „дијазепам“ за смирување со 1.124.406.



По нив следуваат „лизиноприл“, исто така за крвен притисок, „бисопролол“, кој дејствува на срцевиот ритам, „пентоксифилин“, кој се користи и за циркулација и кај лица што преживеале мозочен удар, „аторовастатин“ за маснотии во крвта. Осми на листата е „лосартан“ за притисок, деветти е диуретикот „хидрохлоротиазид“, а десетти е ревматикот „диклофенак“.


Населението старее


Д-р Лилија Чолакова-Дервишова, матичен педијатар и претседател на Здружението на приватни лекари, вели дека е логично најмногу да се препишува терапија за кардиоваскуларни болести затоа што населението ни старее.

- Секојдневно сме изложени на стрес, имаме динамично темпо на живот, неправилно се храниме, има многумина со вишок килограми... Сето ова може да е врзано со болестите за кои се даваат најпрепишуваните лекови. Не е мал ни бројот на млади што имаат висок крвен притисок. Сите треба да поработиме на себе и на начинот на живот – вели д-р Чолакова-Дервишова.



Инаку, бројот на реализирани рецепти за сите лекови што може да ги препишуваат матичните од 2008 до 2017 година постојано расте. Ако во 2008 година биле земени лекови на 10.283.273 рецепти, лани, за 9 години, тој број се зголемил на 23.090.780. Или, ако се земе предвид дека лани имало 1.872.466 осигурани лица, тоа е како просечно секој да земал по околу 12 рецепти и потоа да го подигнал лекот.
Во 2008 година за овие лекови Фондот потрошил 21,4 милион евра, лани трошокот пораснал на 45,3.
Подготвил: Наташа Бошковска-Златкова / natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема