X
 09.12.2016 Живот

Како движењето „Пет ѕвезди“ од предмет на исмејување стана најголема закана за иднината на Италија?


Бепе Грило, предводник на движењето „Пет ѕвезди“

Кога Бепе Грило, лидерот на најголемата опозициска партија, пред околу седум години почна да ги исполнува насловните страни, никој не го сфати сериозно. Поранешниот комичар кој наеднаш се најде на политичката сцена, беше прилично лесна мета за исмејување.

Но, во 2013 година, исмејувањето запре: движењето Пет ѕвезди на парламентарните избори освои околу една четвртина од гласовите. Германското списание Дер Шпигел, го нарече Грило „најопасниот човек во Европа“. Сега, три години подоцна, Вашингтон Пост пишува дека тој опис на Грило навистина заживеа.

Верува во Итекзит

На референдумот во неделата, мнозинството граѓани гласаа против иницијативата на премиерот Матео Ренци за промени во системот и законодавниот процес. При распишувањето на референдумот, Ренци ја најави својата оставка доколку граѓаните не ги поддржат неговите предлози. Граѓаните на Италија во неделата јасно го испорачаа своето мислење по тоа прашање.

Оставката на Ренци, би можела да го доведе на власт движењето на Грило, познато под името Пет ѕвезди. Според сите најави, ќе следи  уште еден референдум, односно граѓаните ќе бидат повикани да се изјаснат дали се за останувањето на Италија  во еврозоната, односно дали го поддржуваат враќањето на лирата како национална валута. Со оглед што евроскептицизмот е еден од темелите на ова движење, веројатно не звучи како шпекулација заклучокот дека излегувањето на Италија од ЕУ би можело да биде следна цел на ова движење.

Се споредува со Трамп

Грило претендира себеси да се споредува со Доналд Трамп. И двајцата станаа познати како ТВ ѕвезди, чувствуваат дека медиумите и политичките естамблишменти ги исмејуваат, и јасно им е дека Брисел, Берлин и Париз ги сметаат за штетници.

Движењето Пет ѕвезди, во 2009 година заедно со Грило го основаше Џанроберто Касалего, човек од ИТ секторот. „Партијата е основана врз популистички идеи кои подразбираат директна демократија и брутални напади врз политичките елити“, контекстуализираше неодамна професорот на политикологија, Џејмс Њувол.

Евроскептици и противници на естаблишментот 

Основачкиот двоец добро процениле дека новата партија би можела да ја искористи моќта на интернетот за сопствена промоција, и беа во право. Грило, кој секако беше обожувач на Најџел Фараж, основачот на екстремно десничарската партија УКИП, преку својата веб-страница и социјалните мрежи почнал да свикува состаноци и да ги поттикнува своите следбеници да се кандидираат на локалните избори.
Популистичките пораки што ги пишувал на своите страници, многу брзо стигнале до гласачите на традиционалните партии во земјата.

Она што се покажа како голема предност на движењето Пет ѕвезди е фактот што не се прокламираа нужно како левица или десница. Тие се евроскептици противници на естаблишментот и антиимигрантска партија, но исто така прозелена. И името на партијата има одредена симболика; Пет ѕвезди ги означуваат петте горливи проблеми во земјата: одржлив (еколошки) превоз, општествена сопственост над водите, одржлив развој, право на пристап до интернет и заштита на средината.

Протестни гласови

Нивната политика го најде патот до избирачите, па на општите избори во 2013 година освои околу 30 проценти од гласовите. Една од главните причини за таквиот успех  е разочараноста на граѓаните од status quo статусот и слабиот одговор на власта кон кризата. Станаа втора водечка партија во државата. Но, заради специфичниот изборен  систем, кој ги фаворизира големите партии и коалиции, освоија само 106 од вкупно 600 пратенички места.

Партиите како движењето Пет ѕвезди можат да привлечат многу гласачи, главно тоа се протестни гласови, но проблем е што нивните приврзаници  честопати не се согласуваат по бројни прашања, како што се економските проблеми, даночната политика, ставот кон Европската унија. Од таа перспектива, не е чудно што од 2013 година, 18 од 106 пратеници ги напуштија редовите на Пет ѕвезди.

Грило, како и сите денешни популисти, е целосно политички некоректен. Пример, во мај 2016 година, јавно изјави дека градоначалникот на Лондон, Садик Кан, „ќе се разнесе себеси пред Вестминстер“.

Во Рим малку се посрамотија


Партијата на локалните избори минатата година потврди дека е еден од поважните фактори на италијанската политичка сцена. Освоија околу 20 проценти од гласовите, а во јуни оваа година на локалните избори победија во 126 општини. А што е уште поважно, однесоа победа во 18 градови и во Рим. На чело во италијанската престолнина дојде 37-годишната адвокатка Вирџинија Раги. Движењето Пет ѕвезди триумфираше и во Торино, Гензано, Марино, Кјоџа, Кастелфидардо.

Но, откако ја презедоа власта, нивната некомпетенција дојде до израз. За повеќето италијански аналитичари, Раги е типичен пример за фијаското на Пет ѕвезди, доказ дека се работи за партија која собира поени со критизирање, а која не умее да владее. Раги имаше големи проблеми откако го презеде Рим. Со месеци не успеваше да ја состави градската управа, во јавност протекоа срамни кавги околу платите , позициите итн.

На партијата и недостасуваат компетентни луѓе кои, освен да се бунат, ќе знаат и да управуваат. Тешко е да се разбере количеството време што им требаше да ја состават градската управа, детализира Гардијан, прашувајќи се како точно би изгледала нивната власт на национално ниво.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот