X
 26.04.2017 Култура

Улогата на шефот на државата во француската историја: како настанала „претседателската монархија“


Градско пристаниште
(Фото: Tanjug)

Францускиот претседателски систем потекнува од уставните измени усвоени на референдум што се одржал на 28 октомври 1962 година. Следејќи ја бонапартистичката традиција, генералот Де Гол одлучил повторно да ја вратил изборната процедура од 1848 година, која форсирала почитување на суверенитетот на народот од страна на извршната власт.

Жестокиот „убиец на претседателската монархија“, Жан-Лик Меланшон (лидерот на радикалната левица), својата предизборна кампања ја посветил на ветувањето дека „доколку победи на изборите на 23 април, ќе биде „последниот претседател на Петтата република“. Исто како и Путу (лидерот на Новата антикапиталистичка партија) и Бено Амон (лидерот на Социјалистичката партија), бунтовниот претседателски кандидат водел кампања со ветување за длабоки реформи на институциите и за востановување на Шеста република, залагајќи се за конституирање на уставотворно собрание со цел враќање на власта во рацете на народот, следствено на чекорите на револуционерите од 1848 година.

Изборот на претседател на директни избори за првпат е институционализиран со Уставот на Втората република. Во февруари 1848 година, народната револуција ставила крај на владеењето на Јулската монархија. Привремената влада одлучила да спроведе брзи избори за конституирање на уставотворно собрание со мандат за утврдување на нови политички правила. Иако тоа предизвикало поделени мислења околу (не)подготвеноста на народот за таква одговорност, Собранието сепак било конституирано на 23 април 1848 година, кога биле избрани преку 800 членови, вклучително и 300 поранешни монархисти „преоблечени“ во републиканци.

Идејата за пишување на нов устав наишла на многу препреки во нејзиното спроведување. Социјалистите и најрадикалните републиканци ги фаворизирале претпоставките на Уставот од 1793 година, кој за првпат предвидувал општо право на глас (само за мажи) и полудиректна демократија, со концентрација на политичката моќ во Парламентот, со можност народот директно да ги предложува кандидатите за извршната власт.

Расправата за Уставот од 1848 година траела  од 4 септември до 27 октомври, или седум недели исполнети со жолчни и живи дебати. При истата, главно фокусот бил насочен кон две теми: признавање на правото на работа и еднодомен парламент. Правото на работа се јавувало истовремено како исполнување на ветувањата дадени од Републиката кон работниците кои се бореле против монархијата и како средство за решавање на социјалните прашања. Оваа одредба, која била усвоена од привремената влада на 25 февруари, социјалистите и републиканците ја сметале за особеност на новата Република, акцентирајќи ја одредбата од Ледру-Ролин: „Велат: правото на работа било социјализам. На тоа одговарам: не, правото на работа е применета република“.

Идејата за еднодомен парламент продолжила врз традицијата на Уставот од 1791 и 1793 година, отфрлајќи ја можноста за втор дом, што во некои монархии се нарекува „Дом на лордовите“. Амандманот што предложувал два дома бил отфрлен со 530 гласови „против“ наспроти 289 „за“.

Расправата продолжила со нов интензитет во октомври: Луј Наполеон Бонапарта, триумфирал на изборите на 17 септември 1848. Овој резултат ги обесхрабрил креаторите на предлог-уставот, кој истиот го сметале за „маскиран аристократ“. Дури Жил Греви, републикански пратеник, свечено го предупредил собранието дека „избор на претседател на масовни избори носи и прекумерна моќ на избраниот“.

При образложувањето на својот амандман тој истакнал: „Заборавивте ли дека токму на избори Бонапарта доби можност да се качи на тронот? Тоа е таа моќ која вие сега ја овозможувате! А тврдите дека создавате демократска република! Слична моќ која е доверена на едно лице, без оглед дали се нарекува преседател или крал, е монархистичка моќ; оваа која ја протежирате е позначајна од онаа која ја соборивте. Вистината е дека оваа моќ, наместо наследна, ќе биде привремена и променлива; но ќе биде поопасна за слободата“.

Жил Греви дополнително предупредувал на границите на овие мерки на претпазливост: дали истите се доволни за да се спротивстават на личните амбиции на поединецот кој би сакал да ја задржи власта во замена за рушење на принципите на Републиката? Неговите аргументи не биле уважени. Парламентот со 627 гласови „за“ и 130 „против“ одлучил претседателските избори да се реализираат преку принципот на општото право на глас.

Уставот бил изгласан на 4 ноември: „Во присуство на Бог и во име на францускиот народ“, се прокламира во преамбулата, „Републиката за свои принципи ги има Слободата, Еднаквоста и Братството. Таа се заснова на Семејството, Трудот, Сопственоста, Јавниот ред“.

Луј Наполеон Бонапарта бил избран на 10 декември 1848 година, со 5.434.226 гласови, наспроти 1.448.107 гласа за Ежен Кавењак, додека социјалистичкиот кандидат Распеј освоил само 37.000.

И додека новиот претседател бил олицетворение на наполеонската легенда, во исто време бил и прокламиран како „новото лице“, кое не му припаѓа на ниту една партија. Како автор на брошурата што била интонирана со утопистички социјализам, овој кандидат завел добар дел и од левото гласачко тело. Како бранител на редот, семејството, религијата, сопственоста, уживал поддршка и од монархистичката десница.

Пред истекот на неговиот мандат во мај 1852 година, Луј го суспендирал одржувањето на нови избори, спроведувајќи државен удар на 2 декември 1851 година, при што биле убиени 400 лица а повеќе од 30.000 биле уапсени. Во една третина од државата била прогласена вонредна состојба, а Луј Бонапарта одлучил да ги одржи претседателските избори по пат на референдумско изјаснување, само две недели подоцна.

Седум милиони луѓе во Франција се изјасниле „за“ на референдумот, а само 640.373 храбро гласале „против“, особено во Париз.

Во клима на репресии и терор, измамата била очигледна. Дополнителни милион и пол гласачи апстинирале на референдумот. Многу републиканци се согласиле со Жорж Санд дека и „без сето тоа“ резултатот би останал непроменет. Реставрацијата на царството една година подоцна била посветена на враќањето на монархот и завршила со отфрлувањето на принципот на избор на претседател преку општото право на глас, кое траело... цел еден век.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура