X
 22.04.2021 Живот

Ова е првата земја во ЕУ што почнува да тестира дигитални патнички сертификати

Франција стана првата земја-членка на ЕУ што почна со тестирање дигитален патнички сертификат за Ковид-19, како дел од европската шема за која Брисел се надева дека ќе им овозможи на луѓето да патуваат послободно во рамките до летото.

Апликацијата „TousAntiCovid“, дел од програмата за следење контакти во земјата, е надградена за складирање негативни резултати од ковид-тестовите на мобилните телефони на патниците и се тестира на летовите кон Корзика и прекуокеанските земји од оваа недела.

Од 29 април тестирањето ќе вклучува сертификати за вакцинација, изјавија официјални лица. Системот може да биде усвоен и за јавни настани, како што се концерти, фестивали и саеми, но не и за барови и ресторани.

Тестирањето во Франција ќе претставува еден дел од засилениот, консолидиран и стандардизиран систем низ цела Европа, изјави министерот за дигитална транзиција Седрик О, а веќе се разговара со неколку земји и авиокомпании за да се обезбеди рано признавање.

Европскиот комесар за правда Дидие Рејндерс рече дека очекува „дигиталниот зелен сертификат“ на ЕУ да профункционира до 21 јуни. Сертификатот е итен приоритет за земјите-членки на Јужна Европа чии економии беа уништени од пандемијата.

1
Фото: Google Play

Шемата намерно не е наречена „вакцинален пасош“ за да се избегне дискриминација на луѓе кои сè уште не стигнале да се вакцинираат. Брисел нагласи дека иако сертификатот треба да го олесни патувањето, тој не смее да стане предуслов за слободно движење.

Сертификатот треба да значи дека патниците нема да имаат потреба од карантин, дозволувајќи им да складираат докази на своите телефони дека биле вакцинирани, неодамна тестирани и тестот бил со негативен резултат или имале антитела по прележување Ковид-19.

Во Франција луѓето што прават тест ќе добиваат СМС-порака или е-пошта што ќе им овозможи пристап до документ преку интернет, кој може да се преземе и да се испечати или зачува во апликацијата „TousAntiCovid“.

Истото ќе важи и за оние што ќе се вакцинираат од следната недела, со комплетна база на податоци за минатите тестови и вакцинации, отворена за преземање од средината на мај. Резултатите од тестот за антитела треба да бидат вметнати во подоцнежна фаза.

Апликацијата ќе генерира безбеден QR-код што содржи низа информации, вклучувајќи ги името на патникот, датумот и видот на тестот или вакцината, како и детали за релевантниот лекар или лабораторија, кои ќе можат да се проверат во националната база на податоци.

Неколку земји-членки на ЕУ развиваат слични системи, што доведува до загриженост за тоа колку добро ќе соработуваат. Експертите од ЕУ за приватност предупредуваат дека шемата мора да ги почитува законите за заштита на податоците и мора да има соодветна правна основа во секоја земја-членка.

Данска минатата недела започна со проба на „Coronapas“, достапна за луѓе што биле вакцинирани, биле позитивни на Ковид-19, 2 до 12 недели претходно, или биле негативни во последните 72 часа.

Данската шема во моментов им дозволува на корисниците пристап до несуштинските деловни активности, како што се фризери, козметички салони и автошколи, но треба да се прошири и да вклучува музеи, театри, кина и ресторани од 6 мај.

Холандија, исто така, тестира шема наречена „Врати се во живот“ што им овозможува на луѓето да присуствуваат на настани во живо под услов да имаат негативен тест кој може да го снимат на апликацијата „CoronaCheck“ со QR-код.

Извор: The Guardian
Фото: Google Play
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот