X
 23.06.2017 Образование

Досегашните оценки од екстерното нема да се бодуваат при уписите во средно

Оценките од досегашните екстерни тестирања нема да се земат предвид при годинашните уписи во средните училишта, односно за нив нема да се пресметуваат бодови. Вакво известување денеска добиле директорите на средните училишта низ земјава од Министерството за образование и наука, за уписите во јунскиот рок кои треба да се одржат на 28 и 29 јуни.



На годинашните уписи максималниот број поени ќе изнесува 77, за разлика од лани кога беа 82, односно кога екстерното носеше максимално 5 поени. Годинава ќе се бодува средниот успех на ученикот од шесто до деветто одделение, средниот успех постигнат по четири предмети (мајчин јазик, англиски јазик и два предмети што се од значење за струката), дипломи од освоени прво, второ или трето место од меѓународни и републички натпревари, како и средна вредност од поените добиени за поведение на ученикот.

Успехот од шесто до деветто одделение носи максимум 50 поени, четирите предложени наставни предмети носат најмногу 20 поени (по 5 за секој предмет), додека од освоените дипломи од натпревари максимално може да има 5 поени. Од поведението ученикот најмногу може да добие 2 поени. Сѐ вкупно изнесува максимални 77 поени.

Годинава уписите во средните училишта во јунскиот рок се закажани за 28 и 29 јуни, а резултатите и слободните места ќе бидат објавени на 30 јуни.
Подготвил: Д.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование