X
 15.01.2021 Образование

Царовска: Синдикатот е наш важен партнер, заедно ќе ги спроведеме реформите

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес се сретна со претседателот на СОНК Јаким Неделков, и други претставници од синдикатот. На состанокот се разговараше за претстојниот реформски процес во основното образование и за предложената нацрт-концепција, се вели во соопштението од МОН.

Претставниците на СОНК и министерката се согласија дека реформите во образованието се нужни и навистина треба да се направат, но и потенцираа дека синдикатот е важен партнер во носењето на новата концепција и спроведувањето на реформите.
Министерката Царовска истакна дека овој процес требало да се случи уште пред една деценија и дека секој ден доцнење е на директна штета на учениците и на идните генерации.


Првпат во последната деценија во нашата држава во делот на образованието се прават реформи на исклучително транспарентен начин и со вклученост на сите страни и ќе се најде баланс во предлозите со цел да се направат реформи во најдобар интерес на децата.

- Со предложената концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните, а наставниците ќе добијат слобода во организирањето на наставата, но и кариерен развој и можности за унапредување - рече Царовска и додаде: Потсетуваме дека реформата не ја правиме од денеска за утре, тука таа е резултат на широка консултација и на долгогодишни меѓународни и домашни анализи, но и ставови на наставници, родители и ученици.

Министерството за образование и наука ги продолжува дебатите и консултациите за Нацрт-концепцијата. Во дебатата за концепцијата од самиот почеток се вклучени раководството на СОНК и регионалните претставништва на СОНК, експерти, професори и други засегнати страни и меѓународни организации и институции, како УНИЦЕФ, Светска банка, УСАИД, британска и швајцарска амбасада, Делегација на ЕУ. Сите изразија поддршка затоа што реформите треба да резултираат со квалитетно основно образование.
Концепцијата е дел од Стратегијата на МОН за периодот 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование донесен пред околу една година и е дел од владината програма.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование