(
Фото: Profimedia)
Резултатите од истражувањето на инвестициската куќа „Морган Стенли“ укажуваат дека за три години најевтина електрична енергија ќе биде онаа што се добива од обновливи извори. Соларните и ветроелектраните забрзано поевтинуваат, а ако трендот продолжи, ќе чинат помалку од загадувачките начини на производство, како на пример, јагленот. Оваа појава од „Морган Стенли“ ја нарекоа точка на инфлексија до која веќе стигнале некои пазари.
Ако оваа динамика продолжи, поевтинувањето на обновливите извори ќе го зафати целиот свет до 2020 година. Меѓу главните причини се наведува хиперпродукцијата која, во последните две години, предизвикала пад на цената на соларните ќелии за 50 проценти. Слични се предвидувањата и за земјите каде што предност им се дава на ветроелектраните, имајќи предвид дека нивната ефикасност константно се зголемува. Се претпоставува дека цената дополнително ќе падне, до степен што ќе чини третина од цената за производство на енергија со јаглен.
Според предвидувањата, за поголемо производство по пат на обновливи извори поголеми се заслугите на приватниот отколку на државниот сектор. Поволните економски чинители го стимулираат приватниот сектор за повеќе инвестиции во обновливите извори на енергија. Поради тоа, сметаат дека откажувањето на Трамп од Парискиот договор е помалку важно од очекуваното.
Претпоставуваат дека до 2020 година Америка сеедно ќе го надмине намалувањето на загадувањето од 26 до 28 отсто што го пропишува Парискиот договор. Дадоа и свое предвидување за Австралија, која исто така не ги дочекува обновливите извори на енергија со раширени раце. Се смета дека до 2020 година обновливите извори ќе напојуваат 28 отсто од нивните мрежи, со речиси 60 отсто во Јужна Австралија, каде што и Илон Маск со својата компанија „Тесла“ ќе ја изгради најголемата литиумско-јонска батерија на светот.