X
 18.11.2021 Технологија

Во иднина ќе може да се заработува со складирање струја во електрични автомобили

Електричните автомобили би можеле да помогнат во снабдувањето со енергија за милиони домаќинства во следните години само со користење на своите батерии. Истовремено, сопствениците би можеле и да заработуваат на овој начин доколку ја продаваат складираната струја за повисока цена од куповната.

Електричната енергија во батеријата на возилото би можела да се пренесе во енергетската мрежа наместо да се чува, објаснуваат професорите Том Стејси и Јинг Шие од Универзитетот „Англија Раскин“  за „Конверзејшн“. Оваа техника веќе се користи во Јапонија, а двајцата професори спровеле истражување кое би можело да доведе до примена на техниката и во Обединетото Кралство.

Многу електрични возила се произведени за да се искористи електричната енергија во нивната батерија за други намени, како за домот на сопственикот или компаниите што произведуваат автомобили.


Фото: Pixabay

Според пресметките на Стејси и Шие, во Обединетото Кралство има околу 300.000 електрични возила кои би можеле да чуваат 18 гигавати електрична енергија, која би можела да се користи за домаќинствата. Ова е повеќе од најголемата централа за складирање електрична енергија во државата.

До 2030 година Обединетото Кралство би можело да има речиси 11 милиони електрични возила. Под претпоставка дека половина од овие возила би ја пренаменувале неискористената електрична енергија за електричната мрежа, би се обезбедило доволно струја за 5,5 милиони домаќинства, велат професорите.


Фото: Pixabay

За оваа идеја да стане реалност, потребен е систем за пренесување на електричната енергија од автомобилите, но и соодветна инсталација во домовите и други промени во енергетскиот пазар.

Според предлогот на Стејси и Шие, сопствениците на електрични автомобили би можеле да ги полнат возилата со евтина струја, а потоа да го продаваат вишокот по поскапа тарифа. Според процените на професорите, би можеле да се заработуваат до 725 фунти годишно на овој начин.

Едно електрично возило троши електрична енергија со вредност од околу 500 фунти годишно, помалку од 1.435 фунти што се потребни за гориво за обичен автомобил во земјата.

Извор: The Conversation
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија