(
Фото: Pixabay)
Откако во продавницата доживеала мини-нервен слом, на мајката Џејми Примак ѝ се приближила постара госпоѓа, а нејзините зборови на утеха што ги изговорила во тој момент би требало да ги прочита секој родител...
„Ноќеска стигнав од Њујорк. Сменив два авионски лета, цела ноќ не спиев, но стигнав токму навреме да ги земам децата од училиште. Отидовме дома, ги распакувавме ранчињата и торбите, почнавме со домашните задачи, го прошетавме кучето, ја вклучив машината за перење, направив список со потребни продукти, завршивме со домашните задачи, ги наполнивме шишињата со вода и повторно седнавме во автомобилот за да ја одведеме Оливија на кошарка. Имав само 50 минути да скокнам до продавница и да купам сè што требаше за дома.
Штом влеговме во маркетот, Макс и Чарли ги здогледаа цвеќињата, потоа и балоните, па и бесплатните примероци. Тоа беше моментот кога ја изгубив контролата. Тие викаа, трчаа, сè и сешто допирајќи, додека јас во меѓувреме бев комплетно изгубена и ништо не можев да пронајдам.
Додека се движев меѓу рафтовите со производи, постојно ги слушав како се надвикуваат: ’Смееме ли да земеме лижавчиња? Можеш ли да ми го придржиш балонот? Гладен сум!!! Може да го јадам ова?‘ Моите нерви веќе беа на крај. Најпосле, откако 15 пати ги замолив да се смират, да стивнат, да стојат покрај мене, да престанат сè да допираат, лицето наеднаш едноставно ми свена. Мојата брада се спушти на градите. Бев физички и психички исцрпена.
Наеднаш се појавија два нежни прста кои нежно ми ја подигнаа главата. ’Дигни ја главата горе, драга моја‘. Постара госпоѓа, од околу 80 години, преубаво облечена, со прекрасни бисерни обетки, средена фризура и најтопла насмевка. И јас ѝ возвратив со насмевка. ’Толку сум уморна‘, изговорив. Ги погледна моите момчиња, кои се смееја трчајќи со балоните в раце, и ми рече: ’Сите ние сме уморни. Прашање е само од што. Јас сум уморна од тишината околу мене. Мојот сопруг почина, моите деца пораснаа, јас не слушам добро, така што за мене оваа врева е убава. Уживај во неа додека можеш‘.
Ѝ се заблагодарив и продолжив со купувањето. Минатата ноќ се помолив за оваа бабичка, за нејзиното добро срце и деновите што ѝ останале. Не можам со зборови да ја опишам благодарноста затоа што, барем накратко, ме потсети на вистинските вредности“.