X
 25.04.2024 Живот

Косовски професор суспендиран по пријава за сексуално вознемирување од 27 студентки

Ректорот на Универзитетот во Приштина, Ќерим Ќерими, го суспендира од работа редовниот професор Џеват Красниќи од Педагошкиот факултет, кој неодамна беше пријавен за сексуално вознемирување од страна на дури 27 студентки на тамошниот Медицински факултет.

Суспензијата следува по препорака на Советот за етика на Универзитетот, кој препорачал таква мерка додека да завршат истрагите на Државното обвинителство.

Косовските медиуми на почетокот од месецов пренесоа сведоштва на студенти на Медицинскиот факултет во Приштина во врска со наводните сексуални вознемирувања од страна на професорот по математички науки Џеват Красниќи. Освен студентки, сведочеа и студенти кои биле сведоци на вознемирувањата кои се случувале уште од 2022 година. Неколку дена подоцна започнаа истрагите.

Одлуката на советот доаѓа по неколку состаноци проследени со протести од активистите на Феминистичкото студентско движење и други лица, кои бараа отстранување на професорот од Универзитетот.

Студентките од Медицинскиот факултет поднеле и писмена пријава до факултетот на крајот на февруари, па на почетокот на март факултетот ја прекинал соработката со Красниќи. Деканката на Медицинскиот факултет, Сузана Манџука-Керлиу, потоа ја проследила пријавата од студентите до Советот за етика.

Во понеделникот Красниќи сведочеше пред Советот, но не беше донесена никаква одлука во врска со неговиот работен однос.

Тоа ги изреволтира активистите, па решија да го блокираат Административниот центар на Универзитетот и да не им дозволат на членовите на советот и на професорот да излезат. Тогаш мораше да интервенира полицијата за да ги извлече.

  

Дополнително, активистите од Феминистичкото студентско движење ја блокираа вратата на канцеларијата на пријавениот професор, на која залепија и натписи „Место на злосторство! Не поминувај!“ и „На Џеват Красниќи местото не му е на Универзитетот“.



Косовските медиуми пренесуваат дека Советот за етика на Универзитетот е составен од четворица членови, сите мажи: Исет Морина, кој е претседател, Скендер Муји, Арбен Хајдари и Резеарт Галица.

Професорот ги негира обвинувањата и вели дека не е точно оти ги прашувал студентките што имаат под фустан, како што тврдат тие, туку само прашувал шт о кријат зашто се сомневал дека препишуваат.



Извор: Kallxo
Насловна фотографија: Lëvizja Feministe Studentore (facebook)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот