X
 02.09.2017 Образование

Проф. Ѓорѓија Петкоски: Отворањето образовни институции што „печатат“ диплома без релевантна содржина не е добро ниту за земјата ниту за младите

Роден е во Глобочица, Струшко, село кое е раселено и според пописот од 2002 година нема жители.. Своето образование го стекнал на универзитетите во Белград, Загреб, но и на МИТ и „Харвард“. Професорот Ѓорѓија Петкоски сега е предавач и истражувач во школата „Вортон“ при Универзитетот во Пенсилванија, а годинава по вторпат беше учесник на Школата за млади лидери во организација на претседателот Ѓорге Иванов. Вели дека во Македонија доаѓа најмалку еднаш годишно, обично на одмор на Охридското Езеро. До младите од земјава има силна порака: „Да не ги користат предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат во земјава како изговор да не го направат она што е во рамките на нивните капацитети. Знаењето, кое има глобална вредност, ќе им ги отвори вратите во земјава, но и надвор од неа“.



И оваа година сте еден од предавачите на Школата за млади лидери на претседателот на Република Македонија што се одржа во Охрид. Која е пораката што им ја пренесовте на младите?

- Најпрвин би сакал да му се заблагодарам на претседателот Иванов што ме покани втора година по ред да бидам предавач на Школата за млади лидери, негова лична иницијатива и негов конкретен влог и инвестирање во знаењето на младите од Македонија. Мојата порака до учесниците беше пред сè да бидат глобални, но не само со желби туку и со знаење. Да не ги користат предизвиците и тешкотиите со кои се соочуваат во земјава како изговор да не го направат она што е во рамките на нивните капацитети. Знаењето, кое има глобална вредност, ќе им ги отвори вратите во земјава, но и надвор од неа. Да имаат добро осмислена животна стратегија и континуирано да ја приспособуваат на конкретните услови. Само знаењето што креира трајна вредност за другите ќе им овозможи релевантност и слобода на избор.

На оваа школа младите имаат можност од прва рака да ги слушнат искуствата и советите на многу експерти од светот, во различни области. Колку ваквите средби реално може да променат нешто кај младите и нивниот развој?

- Ова, пред сè, зависи од нив самите, вклучувајќи го и начинот на кој ги процесираат информациите и знаењето што го добиваат. Тие треба да ја избегнат замката на некритично реплицирање туѓи искуства. Суштината не е во тоа што да реплицираат, туку како да размислуваат иновативно. Да ги приспособат знаењата и искуствата од предавачите врз сопствената животна стратегија и можностите што им се на располагање. Како и да е, јас сум убеден, а тоа ми го потврдува и искуството од минатата година, дека оваа обука позитивно влијае врз развојот на нивните знаења и вештини, но пред сè претставува платформа каде што се вмрежуваат успешни млади луѓе од различен академски и професионален фокус, што само по себе е исклучително важно за развојот на една здрава младина.

Вие сте предавач и истражувач во школата „Вортон“ при Универзитетот во Пенсилванија. Кажете ни нешто повеќе за овој ангажман и што е Ваше поле на интерес?

- По задолжителното пензионирање од Светската банка ја прифатив поканата да предавам на Школата „Вoртон“. Универзитетот Пенсилванија е еден од најдобрите универзитети во САД, член на Yvy League на универзитети каде што се наоѓаат Харвард, Јеил, Принстон и Колумбија. „Вортон“ е најстарата бизнис-школа во САД која има „произведено“ најмногу милијардери. Во зависност од семестарот, предавам три предмети: Responsibility in Global Management, Corporate Responsibility and Ethics и Social Impact and Responsibility. Исто така, предавам на неколку програми, таканаречено executive education, за лидери и врвни менаџери во мултинационални компании, банки и меѓународни организации. Накратко, мојот интерес е како да се биде конкурентен во глобалната економија на индивидуално, организационо и на општествено ниво. Развој и примена на стратегија која обезбедува долгорочен успех, преку иновативно балансирање на економските, социјалните и еколошките фактори. Очигледно се работи за комплексна област и предизвикот е да се најдат решенија што водат кон долгорочен успех.

Какви можности за истражување и развој на студентите им нуди  школата „Вoртон“?

- Фантастични. „Вортон“ се смета за водечка бизнис-школа во светот во областа на истражувањата. Студентите добиваат можност да се ангажираат заедно со професорите во овие истражувања, кои по дефиниција се мултидисциплинарни и истовремено ги користат ресурсите не само од „Вортон“ туку и од другите департмани на Универзитетот во Пенсилванија. На располагање им се даваат и курсеви кои се организирани надвор од САД.

Основач сте и на проектот „Идеи за акција“. За што станува збор?

- Пред две години сите земји од светот се согласија во наредниве 15 години да користат исти критериуми, т.н. Sustainable Development Goals (SDGs), да го мерат прогресот што го прават во сите области на развојот, вклучувајќи ги економските, социјалните и еколошките аспекти. Петнаесет години е долг период и е бесмислено мојата генерација да се согласи со нешто што првенствено ќе биде применето од младата генерација, без доволно консултации со младите. Програмата „Идеи за акција“ првенствено е наменета за млади луѓе од 18 до 35 години. Програмaта стимулира и поддржува идеи кои ќе овозможат да се постигнат (SDGs). Ова е глобална иницијатива меѓу „Вортон“ и Светска банка, и е единствена во светот. Оваа година имавме речиси 2.000 регистрирани тимови, од кои 800 пратија свои идеи. Најдобрите три тима ќе ги презентираат своите идеи за време на годишната конференција на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во октомври во Вашингтон.

Сте студирале на универзитетите во Белград, Загреб, но и на „Харвард“. Кое образование сметате дека има најпозитивно влијание врз младите и нивниот професионален напредок? Какво беше Вашето искуство?

- Како што напоменав, апсолутно критично е да го мерите своето знаење и она што планирате да го учите по меѓународни критериуми. Сè друго е една привремена илузија. Порано или подоцна тие стандарди ќе дојдат во вашата област и ако не сте подготвени, ќе поминете низ големи разочарувања, па дури може да се најдете во ситуација тоа веќе да не може да се поправи. Имате еден живот и трагично е да го прокоцкате поради бесмислени краткорочни цели и она што евентуално ви го овозможиле родителите или роднините. Мојата меѓународна кариера започна со докторатот по електротехника во Белград. Мојот ментор, професорот Миодраг Ракиќ, во тоа време беше светски експерт по роботика, ме мотивира да ги објавам одделните глави од докторатот во елитните меѓународни академски списанија. Така и добив покана да бидам “visiting scholar” на Институтот за технологија во Масачусетс (MIT) во Бостон. Во Загреб докторирав на стратешки менаџмент, користејќи го искуството што го стекнав учејќи на executivе програмата по стратешко управување на Слоан бизнис-школата на МИТ. Од MИТ беше лесно да се помине на „Харвард“ – ги дели 1 километар. Секогаш настојував да работам со водечки меѓународни експерти, кои истовремено беа многу добри луѓе. Во „Харвард“ имав среќа да работам со професорот Реј Голдберг - „таткото на агробизнисот“. Таа соработка продолжува до денешен ден. Интересно, Реј ме контактираше пред два дена да побара одобрение да го користи моето интервју за книгата што ја објавија преку Oxford University Press. Во неколку збора: престојот на МИТ и континуираната соработка со тамошните професори беа пресвртница, останатото е историја. Сè се сведе на континуирано усовршување со суштина, страст и чувство на исполнетост.



Кон што треба да се насочи македонското високо образование за да обезбеди поголем квалитет?

- Јас не ги следам настаните во Македонија на професионално ниво и не можам да коментирам. Независно од земјата, на младите треба да им се обезбедат услови за квалитетно образование. Отворањето образовни институции за да „печатат“ диплома без релевантна содржина не е добро ниту за земјата ниту за младите. Порано или подоцна реалноста ќе затропа на вратата. Само прашање на време е кога младите со таква диплома ќе разберат дека неповратно си ги потрошиле најкреативните години од својот живот. Kвалитетот на образованието што им се нуди на младите луѓе e еден од клучните критериуми за оние што се во позиција на власт, во која мера ја сакаат земјата и се чувствуваат одговорни кон граѓаните. Во глобалното општество во кое живееме нема други критериуми за квалитет на образованието освен меѓународните критериуми.

Каде ја гледате Македонија на светската мапа кога е во прашање науката ?

- Како што реков, не ги следам настаните во Македонија на професионално ниво. Како и во другите земји, науката е пред сè резултат на квалитетот на образовниот систем. Неопходно е да се почитуваат меѓународните стандарди, но истовремено и да се креираат услови научните резултати да придонесуваат за решавање на клучните проблеми на национално ниво.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование