X
 16.09.2017 Образование

Првачиња од Карпош вчера експресно добија шкафчиња, откако Факултети.мк праша од кога е тоа обврска на родителите

На родители на првоодделенци од Основното училиште „Братство“ на првиот родителски состанок им било предложено комплетно да ја опремат училницата, од шкафчиња, мијалник за миење раце до закачалки на ѕидовите. За разлика од многу родители од други училишта, во многу општини во земјава, тие едногласно кажале: „Не, тоа не е наша обврска“

Во Основното училиште „Братство“ во Карпош вчера буквално, за неколку часа, раководството обезбеди инвентар во училница за првачиња откако Факултети.мк се заинтересира за случајот. На родители на првоодделенците од ова училиште на првиот родителски состанок им било предложено комплетно да ја опремат училницата, од шкафчиња, мијалник за миење раце до закачалки на ѕидовите.

За разлика од многу родители од други училишта, во многу општини во земјава, тие едногласно кажале: „Не, тоа не е наша обврска“. Мајка на дете од ова одделение ни објасни дека кога првачињата влегле во училницата, освен клупи и столчиња не затекнале никаква опрема. Таа вчераутро како доказ ни испрати фотографии од празната училница, во која нема закачалки, ранците се на подот, а книгите и опремата се наредени покрај прозорците. 





Факултети.мк. реши да пишува за случајот и веднаш ги контактиравме директорката на училиштето и Општина Карпош. Додека ја пишувавме приказната, училницата доживеа трансформација. Кога родителите попладнето биле да ги земат децата од школо, виделе дека во училницата се поставени шкафчиња и закачалки.

Се заинтересиравме за случајот откако родителите нè известија дека во училиштето „Братство“, иако има добри услови и просториите се реновирани, во училницата на првачињата имало само клупи и столчиња.

- Петтоодделенците што учеа таму си заминаа, а просторијата е испразнета од инвентарот. Родителите и на овие деца сами купувале, па си ги зеле работите. Буквално закачалките беа извадени од ѕидовите и пренесени во новата училница. На првиот училиштен состанок не ни наложија, ни нагласија дека не е обврзувачки, ама рекоа дека училиштето нема пари за нов мебел, па предложија ние да обезбедиме. Во спротивно децата ќе учат така – ни изјави мајката.

До вчера попладне ранците на децата им стоеле на под, книгите на прозорците, а немале каде да ги закачат јакните. - Нема ниту мијалник, а ова се мали деца кои секако треба да ги измијат рацете или сунѓерот да  го натопат – ни објасни мајката.

Каде одат средствата наменети за децата?

На родителите исто така им било предложено да обезбедат сапун, тоалетна хартија, потребен бил и телевизор, а еден родител веднаш се јавил дека може да обезбеди печатач, па барем за тоа да не собираат пари. Но, овие родители веднаш се побуниле, прво кај наставниците, а потоа нивниот став бил пренесен на состанок на Советот на родители.

- На состанокот на Советот на родители побаравме да ни кажат каде официјално да се обратиме за да ни се обезбеди инвентар за училницата бидејќи не е наша обврска тоа да го купуваме. Не наидовме на разбирање кај директорката. Таа кажа дека училиштето добива наменски средства од Општината, но дека тие не се наменети за опремување и мебел. Но штом купуваме од сапун и тоалетна до мебел сами, се прашувам за што се наменети тие средства од Општината – вели мајката.

Овие родители сметаат дека ако и другите молчат и не се бунтуваат и проблемот не го изложат јавно, ништо нема да се смени. Оваа мајка потенцира дека понекогаш неразумни предлози за купување доаѓаат и од самите родители.

- Родителите со години ги покриваат трошоците за децата, навистина е срамно да немаат пари за сапун и за тоалетна хартија. Сите плаќаме даноци, образованието наводно е бесплатно, а нема инвентар во училниците. Не ги разбирам ни родителите што сами предлагаат да се купуваат неразумни нешта за училиштето, некогаш и самите си ги создаваме трошоците. Мене сите ме обесхрабруваат во оваа борба, но ние, сите родители од овој клас, сме со ист став – вели таа.

Директорката нема коментар, Општината нè упати кај Дескоска

За случајот вчераутро се јавивме кај директорката на училиштето, Јадранка Поповски. На прашањето зошто училиштето не обезбедило средства за инвентар за училницата на првоодделенците, таа кусо ни рече:

- Немам коментар на вашето прашање. Училницата е опремена, пријатно.

Одговор побаравме и во Општина Карпош.
- Обврската за тековно и инвестиционо одржување на основните училишта и набавка на ситен инвентар е на Владата на Република Македонија, односно на Министерството за образование. Досега Општина Карпош за реконструкција и реновирање на училиштето „Братство“ има инвестирано над 1.300.000 евра, пари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Родителите на првачињата од одделението во ова училиште за решавање на својот проблем нека се обратат на вистинската адреса, односно кај министерката за образование Рената Дескоска.

До попладнето првоодделенците навистина добиле дополнителен инвентар.

- Кога ги зедовме децата, видовме дека во просторијата има шкафчиња и закачалки. Ни кажаа дека утрото ги наместиле бидејќи за случајот се интересирале медиуми. Ви благодариме за поддршката – ни рекоа родителите.

Инаку, родители од цела земја во многу општини веќе со години сами купуваат сапун, тоалетна хартија, надгледни средства, но трошоците се значително поголеми ако ги опремуваат и училниците. Ова е најчесто случај кога децата тргнуваат во прво одделение. Родители сами купуваат клима-уреди, шкафчиња, завеси, ролетни, телевизори, печатачи и ги бојадисуваат просториите.

Инаку, обврска на општините е да ги обезбедат сите неопходни услови за настава во едно училиште, а директорите менаџираат со институцијата и се борат за своето училиште. Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека тие во блок-дотациите за училиштата даваат наменски средства за хигиенски производи. Тие апелираат градоначалниците да се грижат за обезбедување услови за настава, а до директорите подобро да менаџираат со парите.

Според член 22 од Законот за локалната самоуправа, општините имаат свои надлежности, а за образование тие се: основање, финансирање и администрирање на основни и средни училишта, во соработка со централната власт, во согласност со закон, организирање на превоз и исхрана на ученици и нивно сместување во ученички домови.

Подготви: Милена Атанасоска-Манасиева
milena.atanasoska@fakulteti.mk
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование