X
 22.09.2017 Образование

Основците не го разбираат материјалот што го прочитале, а имаат потешкотии и со собирање и одземање

Aпелираме до родителите и до наставниците да се обрне внимание на овие теми бидејќи се основни вештини кои подоцна се неопходни за понатамошниот живот. Нашите ученици се под нивото на меѓународниот стандард на разбирање на прочитаното, кој што е 80 проценти – вели Викторија Димитровска, координатор на истражувањето на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ .



Основците од Македонија ги препознаваат буквите и зборовите, но имаат проблем со течно читање и разбирање на прочитаниот материјал. Кога е во прашање математиката, тие имаат поголем проблем со операциите собирање, одземање и текстуалните задачи. Ова го покажа истражувањето на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“. Тие денеска ги презентираа резултатите од националната студија за процена на почетната состојба со јазичната и математичката писменост кај учениците од почетните одделенија од основните училишта во Македонија, спроведана во рамки на Проектот на УСАИД „Со читање до лидерство“.

- Просечниот резултат на разбирање на прочитаното во второ одделение се движи од 20 отсто за турски, 35 отсто за албански до 40 проценти на македонски наставен јазик. Во трето одделение, се движи од 40 проценти за турски, 55 отсто за албански до 60 проценти на македонски наставен јазик. Резултатите покажуваат дека учениците во Македонија ниту оддалеку не го постигнуваат меѓународниот стандард да можат да одговорат на 80 проценти од прашањата во ниту едно одделение, што е многу загрижувачко, се вели во Извештајот.

Викторија Димитровска, координатор на истражувањето, објаснува дека студијата е спроведена во 2016 година и покажува колку учениците знааат да читаат и да решаваат математички задачи, на крајот од второ и трето одделение.

- Резултатите покажуваат дека нашите деца се вешти при препознавање на букви, чиање на поврзани зборови, меѓутоа имаат проблем доволно течно да ги прочитаат зборовите за да може да одговорат точно на прашањето за разбирање. Кога станува збор за прашањето за разбирање, кога се влечат фактички информации од текстот, на децата тоа им е полесно, меѓутоа, кога ќе треба да поврзат информации од различни делови од текстот, да дадат свое мислење, предвидување што би се случило понатаму во текстот, тогаш имаат проблем – објаснува Димитровска.

Таа смета дека резултатите кај сите ученици може да се подобрат со редовно вежбање и читање, а на децата потребно е да им се поставуваат прашања со кои ќе се поттикнува да се развива размислувањето.

Во однос на математиката утврдено е дека учениците имаат проблем со одземање, собирање и решавањето на текстуалните задачи, што повторно се вештини кои што се учат преку вежбање.

- Затоа апелираме до родителите и до наставниците да се обрне внимание на овие теми бидејќи се основни вештини кои подоцна се неопходни за понатамошниот живот. Нашите ученици се под нивото на меѓународниот стандард на разбирање на прочитаното, кој што е 80 проценти – вели Димитровска.

Кој е виновен зошто децата имаат проблем со разбирање на прочитаното, со брзо чиање на текст и основните математички операции? Димитровска вели дека е сплет на различни околности.

- Но, може да се каже дека наставната програма не предвидува доволно вежање и кога е во прашање јазичната и матаматичките операции. Од друга страна имаме фактор разлики во успехот дали е ученикот од рурално или градско подрачје, образованието на родителите и сл. Сите тие фактори влијаат, но потребно родителите и наставниците да соработуваат. Голем недостаток е и детската литература. На македонски има доволно, но не и на турски и албански јазик. Исто така училишните библиотеки не се доволно опремени со книги, или пак книгите што ги читаат се бајки кои се стереотипни или се задолжителната литература – вели таа.

Од организацијата потенцираат дека совладувањето на мајчиниот јазик е еден од битните елементи за стекнување на базичното описменување.

- До четврто одделение учиме да читаме, а потоа читаме за да учиме. Ако не ги стекнете тие основни јазични вештини, до четврто оддление, потешко ќе се вкопите во целокупниот тек на наставата која се базира на читање и разбирање. Нашиот проблем е практичната примена на знаењето—смета Димитровска.

Сузана Киранџиска, директорка на Фондацијата вели дека студии за проектот се направени во 2014, 2015 и 2016 година. Овие резултати се од 2016 година.

- Испитувани се 8.000 ученици од второ и од трето одделение. Националните резултати за учениците од второ и трето одделение, како и лонгитудиналните резултати на учениците од четврто и петто ќе ни помогнат да утврдиме стандарди на постигањата по читање и математика за учениците од почетните одделенија – вели Киранџиска.

Резултатите од ова истражување ги слушна и министерката за образование и наука Рената Дескоска и вети дека ќе ги земе во предвид сите препораки за подобрување на состојбата.

- Обезбедување и подигнување на нивото на јазичната и математичката писменост е една од најзначајните цели на оваа Влада, особено во пресрет на тестирањата кои треба да следат на меѓународно ниво – рече таа.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование