Замислете ваква ситуација: се запознавате со момче кое на прв поглед ви изгледа дека би можело да биде Совршениот или, пак, Вистинскиот. Но, на првиот состанок, тој ви соопштува еден прилично „застрашувачки“ факт – дека не е присутен на социјалните мрежи, односно дека нема свој профил на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“, „Вибер“ и слични мрежи за комуникација, пренесува „Космополитен“.
Не ви се верува, чувствувате дека ви се потат дланките, 1.000 прашалници имате над главата – затоа што како е воопшто можно тоа денес и како да дознаете како изгледал вашиот маж од соништата порано, што работел досега, со кого излегувал, што јадел и што појадувал вчера и денес, каков живот води, како му изгледаат поранешните девојки, кои му се пријатели, какви филмови и музика преферира...
Замислете, ништо од тоа не можете да дознаете листајќи по неговите социјални канали (како што досега секогаш можевте и сметавте на тој достапен и непресушен извор на информации) како што се „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“, „Снепчет“..., а најболната ставка е што немал ниту „Мајспејс“?! Ужас!!
Гледајќи ја девојката од видеото, се чини дека нејзиниот состанок во рок од една секунда се претвори во најстрашен ноќен кошмар и сето она што ја интересирало за него едноставно ќе мора да го праша.
Ова видео ќе ве насмее до солзи, но попатно ќе сфатите колку сите ние сме „затапиле“ за вообичаениот, нормален начин на живот и запознавање, и колку социјалните мрежи нè оддалечиле и упропастиле затоа што некако е жално што во тие моменти на вљубеност нам ни поминува низ главата: „Кога ќе се вратам дома, ќе морам да ги истражам неговите
профили“.
Како вие би реагирале во ваква ситуација?