Како волонтер и млад научник на Институтот за фармацевтска технологија при Фармацевтскиот факултет, во текот на изминатите две години имав можност да почувствувам на своја кожа дека не сè што е напишано во книга функционира така
Тој е еден од тројцата студенти што добија еднократна стипендија од Фондацијата „Живко Мукаетов“ годинава. Најдобриот студент на Фармацевтскиот факултет, со просек од 9,75, Душко Шалабалија, го живее својот сон – да се надградува во областа што ја сака и во која е добар и уште во студентските денови да соработува со компанија која го помага образованието на многу студенти што студираат фармација и медицина во земјава.
Ви значи ли признанието што го добивте од Фондацијата?
- Најпрво би сакал да ви се заблагодарам за повикот да дадам интервју за Факултети.мк. Секако дека ми значи признанието добиено од Фондацијата. Сега многумина ми велат: „Еј, блазе тебе, си доби пари, мисли му ја како ќе ги потрошиш“, но верувајте финансискиот аспект воопшто не игра главна улога во случајов. Да, парите се потребни и не сум од оние што ќе кажат дека не се битни, но во оваа ситуација, она што ме прави среќен е помислата дека мојот петгодишен труд и работа, низ кои стекнав многу знаења и вештини во полето на фармацијата, научив како да ги искористам понудените информации во практика и, пред сè, како самиот да најдам, пребарам или да истражам некоја проблематика, сега се крунисани со признание како еден од двајцата најдобри студенти на Фармацевтскиот факултет од страна на Фондацијата „Трајче Мукаетов“. Можеби она што ме прави посреќен е мислата дека сум го вложил својот максимум во своето усовршување на професионален план и сега тоа е вреднувано. Сепак, деновиве најмило ми е кога ќе ги видам среќните и горди лица на моите родители, ментори и моите најблиски пријатели и како тие се радуваат на овој успех заедно со мене.
Сметате ли дека повеќе компании треба да се вклучуваат во такви мисии, со цел да се подобри процесот на студирање?
- Апсолутно да. Од моја гледна точка, многу значи кога кај студентите се присутни визијата и перцепцијата дека трудот, времето и нервите што ги вложуваат во текот на студиите на крајот, сепак, некој ќе ги уважи и награди. Или, накратко, нема да дојдат до ситуација да си кажат „што ќе учам за џабе кога утре и вака и така ќе бидам еден од многуте што нема да работат по својата струка“ или, пак, „ќе седам дома“. Пред сè, самите ние, студентите, треба да бидеме свесни за своите можности, желби и амбиции, а напорната работа порано или подоцна се исплати, само треба истрајност и силна желба да се успее.
Компаниите во Македонија и тоа како треба повеќе да се вклучат во инвестирање во младиот иден кадар. Тука не зборувам само за стипендии и парична помош, иако во денешно време, со оглед на ситуацијата кај нас, овие опции се оправдано најпосакувани, туку да им се даде можност на студентите да посетуваат вистинска пракса, да учат како функционираат нештата на самото место (не да варат кафиња, да купуваат бурек и да фотокопираат во рамките на праксата), да се овозможуваат различни обуки, работилници, семинари итн., со цел обука, едукација на студентите, но истовремено и отворени можности за идно вработување или, пак, награда во зависност од вложениот труд. Морам да кажам дека факултетот како факултет, барем јас ја имам таа перцепција, не нè подготвува доволно за идните професионални предизвици. Да, теоријата е таа, но како волонтер и млад научник на Институтот за фармацевтска технологија при Фармацевтскиот факултет, во текот на изминатите две години имав можност да почувствувам на своја кожа дека не сè што е напишано во книга функционира така.
Моја среќа беше да наидам на одлични ментори, проф. д-р Главаш-Додов и доц. д-р Симоновска-Црцаревска, кои ми веруваа и ми овозможија да учам, да напредувам и да се развивам и како млад професионалец и како индивидуа. Затоа велам, некогаш и самите студенти треба силно да сакаат нешто и секое искуство е вредно и се исплати, но секако зад нив треба секогаш да има некој што ќе им даде поддршка во тоа што ќе го работат и соодветно ќе го награди или вреднува.
Сонувате ли да бидете дел од компанијата „Алкалоид“?
- Секако да. „Алкалоид“ е една од најдобрите македонски компании која многу вложува во своите вработени и се грижи за нивниот личен професионален развој и усовршување. Затоа и ми е мило што наскоро почнувам со работа во „Алкалоид“ во одделот за истражување и развој. Морам јавно да кажам дека ова не е првпат „Алкалоид“ како компанија да вложува во мене и да ме наградува. Во изминативе три години токму стипендијата од оваа компанија ми беше главен императив да се трудам и да го постигнам својот максимум, за да не ја изневерам дадената доверба.
Од друга страна, пак, морам и јавно да му се заблагодарам на г. Мукаетов, кој во април годинава ги покри трошоците за учество на Втората европска конференција за фармацевтици, одржана во Краков, Полска, каде што јас и мојата колешка Љубица Цамбулева учествувавме со сопствен научноистражувачки проект, се разбира, под водство на нашите ментори и соработници од факултетот. Така што, морам да кажам дека „Алкалоид“ досега ми исполнил многу желби од професионален план.
Треба ли и државните стипендии да бидат повисоки?
- И овде ќе одговорам – апсолутно да! Ситуацијата на студентите во Р. Македонија е многу лоша. Знам примери на колеги кои со парите од државните стипендии си ги плаќаат месечните трошоци за живот, но, за жал, овие суми честопати не се доволни. Сметам дека треба да се разгледа можноста за покачување на стипендиите, но ако тоа не е можно, барем да се воведат некои други поволности за студентите, како, на пример, студентски картички со попусти за студентите (не зборувам за попуст од 5%, затоа што и не е толку битно), државата повеќе да води сметка и да овозможува средства или, пак, покровителства за студентите што можат да се претстават со некое вредно истражување, изум итн. Со еден збор, секоја награда за студентот е поттик за поголем успех и градење иднина во нашата држава, а не некаде надвор.