X
 01.12.2017 Образование

Речиси илјада ученици со попреченост следат редовна настава во училиштата, ќе се подобруваат условите





Во минатата учебна година, според податоците од Министерството за образование и наука 725 ученици со попреченост биле вклучени во редовната настава во основните училишта и 230 во редовната настава во средните училишта. На тркалезната маса по повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, во организација на Филозофскиот факултет во Скопје, мистерката за образование и наука Рената Дескоска потенцираше дека секое дете има право на образование, а како држава сме должни на децата со попреченост да им овозможиме непречено да го остварат тоа право.

Токму затоа, работна група од МОН работи на измени и дополнувања на Законите за основно и средно образование, во делот на учениците со попреченост.
- Во делот на регулирање на правата на учениците со попреченост, дадени се голем број забелешки, кои верувам дека ќе бидат имплементирани во Законите за основно и средно образование. Според работната верзија, се планира редефинирање на посебните, специјални училишта. Тие, треба да станат Ресурсни центри, кои ќе бидат поддршка на училиштата, каде што настава следат ученици со попреченост, во насока на обезбедување на кадар, обуки и специјализации за наставниците - изјави министерката.

Предвидени се и задолжителни обуки на постоечкиот кадар во училиштата, за работа со деца со попреченост, како и зајакнување на стручните тимови во училиштата.
- Дискриминацијата врз основа на попреченост ќе биде забранета со новите измени и дополнувања на Законите за основно и средно образование, односно секое дете ќе може да се запише во било кое училиште во земјава - потенцираше Дескоска.
Секој наставник во иднина ќе биде обврзан да изготвува индивидуален образовен план за секое дете, согласно неговата функционалност, а не недостаток.
Подготвил: М.А.М.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование