X
 29.04.2022 Живот

Попладнево преговори меѓу СОНК и МОН, не сме ги прифатиле понудените 12 отсто, вели Неделков

Разговорите продолжуваат. Формирани се екипите од наша страна, веројатно и од нивна. Со тоа е почнат процесот на помирување и медијација, додаде тој

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура, Јаким Неделков, на прес-конференција најави дека денеска продолжуваат преговорите со Министерството за образование.

- Тоа што денеска продолжи наставниот процес не значи дека сме ги прифатиле понудените 12 проценти. Ние не прифативме ништо затоа што така одлучи членството на СОНК и на некој начин повторно се наоѓаме на почеток на преговорите. Со помош на овластен медијатор ќе се обидеме да ги добиеме бараните 18,4 проценти зголемување на платата, нов колективен договор и континуирано зголемување на платите за 2023 и 2024 година - изјави Неделков.

Посочи дека денеска имале комуникација со медијаторот, а средбата е договорена за 14 часот во Министерството за образование и наука.

- Формирани се екипите од наша страна, веројатно и од нивна. Со тоа е почнат процесот на помирување и медијација - додаде тој.

На новинарското прашање како го коментира вчерашниот собир пред СОНК на одредени наставници, Неделков посочи дека е жално што наједуцираните луѓе во државата дозволуваат на некој начин да бидат изманипулирани.

- Легитимно е нивните барања и права да ги побараат во рамките на организацијата, а не да вршат ваков притисок. Добро е што имаме различни мислења, тоа покажува демократија во организацијата, но вакви собири се добар обид за разбивање на единството на СОНК. Вакви спонтани собири и упади во седиштето на СОНК не им доликуваат на просветни работници. Мене нема да ме поколеба ништо да работам според закон и да се борам за нивните дневници. СОНК е против анархија, тоа нема да го дозволиме - посочи Неделков.

На прашањето дали ќе има продолжување на учебната година или скратување на наставната програма, Неделков посочи дека тоа сѐ уште е во процес на разговор со МОН, но и на советниците од Бирото за развој.

Инаку, последниот работен ден од месецов, прв откако штрајкот во градинките и училиштата е ставен во мирување, почна вообичаено, со ученици во училишните клупи.

Најмногу отсуства има од прво до петто одделение. За оние што дојдоа денеска на училиште, настава има. Целосно нормализирање на наставата се очекува од вторник, по првомајските празници.

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот