X
 22.12.2017 Образование

„Тошо Велков-Пепето“, пример за современо училиште во кое најважни се потребите на учениците

Тимот на Факултети.мк, како дел од серијалот посветен на Кавадарци, го посети училиштето „Тошо Велков-Пепето“, кое со право го доби признанието „Најчисто и најбезбедно училиште“ во 2016 година.


Дел од ѕидовите рачно ги нацртал наставникот по ликовно

Кавадарци со право се гордее со Основното училиште „Тошо Велков-Пепето“. Чисто и уредно, со најсовремена библиотека, уредени кабинети за практична настава, но и наставен кадар со позитивен однос кон работата.
Тимот на Факултети.мк, како дел од серијалот посветен на Кавадарци го посети ова училиште, кое лани го доби и признанието „Најчисто и најбезбедно училиште“ во 2016 година.
Во „Пепето“ учат 700 ученици од прво до деветто одделение, а тоа е реновирано во последните три години. Директорката Ѓурѓица Алексова вели дека пред целосното реконструирање во училиштето немало сменето ниту една плочка. Сега целосно се обновени тоалетите, училниците, а ова училиште има една од најубавите библиотеки. Благодарение на доброто менаџирање со средствата и наградите, ова училиште е пример што треба да се следи.
- Секој добиен денар се вложува во училиштето. Нашата Општина добро располага со средствата, но и ние вложуваме. На пример, од наградите, како и од изнајмувањето на салата, заедно со Општината направивме летниковец во дворот, ги реновиравме тоалетите и ја направивме библиотеката – вели директорката Алексова.

Ги наградуваме креативните наставници

Она што го прави посебно ова училиште е и вниманието што наставниците го посветуваат на воспитание на учениците, но и креативна настава, за што сведочат многубројните награди.
- Ги учиме децата на вредностите и на она што е важно во животот. Ние поддржувамe и креативна настава. Децава не може цел ден во клупа да седат. Мора да има креативна настава, да се движат учениците, да ги учиме да размислуваат, да прават експерименти. Ги наградуваме и креативните наставници – вели Алексова.
Ова училиште има и фонд за талентирани ученици, кој го формирале заедно со бизнис-секторот, па секоја година тие добиваат подароци и така ги мотивираат.
- Нема лоши ученици, според мене, туку наставници што не знаат да мотивираат и да развијат натпреварувачки дух кај учениците – вели директорката.



Директорката Ѓурѓица Алексова

Психологот Вирџинија Стојкова, пак, ни раскажа дека во училиштето се работат голем број проекти како, на пример, „Заедничка грижа за правилно насочување на учениците со поддршка од МОН“, „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, „Сите сме еднакви“.
- Ова е во соработка со коалиција „Сега“ и АЦЕС и е проект наменет за ученици од социјално загрозени семејства или од ранлива категорија. Ние конкретно работевме со ромската популација во училиштето. Целта е да се надминат тие стереотипи, предрасуди кон нив и со помош на ученичката заедница да изградиме посебен однос со овие ученици. Имавме многу активости, дружење, посета на кино, театар, Зоолошка градина – вели Стојкова.



Психологот Вирџинија Стојкова е секогаш подготвена за помош

Како психолог, покрај редовните активности, разговор со родители и ученици, таа посебна помош им овозможува на учениците што се наоѓаат во емоционален ризик.
- Тоа се деца што се нашле во потешка емоционална состојба поради денешниот начин на живеење и поголемото отсуство на родителите од нивниот живот. Зголемен е, за жал, бројот и на родители што се разведени или разделени. Кај овие деца веднаш се чувствува промена во однесувањето и кон наставниците и кон учениците и тука е мојата улога да помогнам – вели психологот.


„Пепето“ има една од најубавите училишни библиотеки

Ова училиште може да се пофали и со најдобриот ООР наставник за 2016 година, награда што ја добива наставник кој во секојдневната работа користи отворени образовни ресурси (ООР). Зорица Милкова лани се закити со ова признание. Таа вели дека не ни знае кој ја предложил, но е горда на наградата.
- Кога си го прочитав името, навистина се изненадив. Се трудам да бидам современ и креативен наставник. Користам современи методи за работа, сакам интерактивна настава, барам од учениците групна работа, креативна и ги поттикнувам критички да размислуваат – вели Милкова.



Зорица Милкова лани беше најдобар ООР-наставник

Како што велат помладите наставници, од најискусната колешка Менча Пачаџиева купуваат искуство бидејќи годинава таа слави 35 години работа во образование. Пачаџиева вели дека времето влијае врз образованието, па општествените разлики се аплицираат и во овој процес.


Од наставничката Пачаџиева сите купуваат искуство

- Целите во образованието произлегуваат од целите на едно општество, па разликите се големи. Почнав во далечната 1982 година. Сега е подобро бидејќи постојано ги следиме учениците индивидуално, работиме на четири нивоа на оценување, тоа е добро за самодовербата на децата. Денеска само би променила некои содржини во наставните програми, премногу тешки лекции има. Поради тешкиот материјал, кој некогаш е и несоодветен за возраста, има одбивност кон учењето – вели Пачаџиева.







Библиотеката - гордост на училиштето

Едно од најомилените катчиња во ова училиште, како за децата така и за наставниците, е библиотеката. Покрај тоа што е со современ дизајн, на учениците им се достапни сите лектири и многу книги. Она што особено привлекува внимание во ова училиште се и прекрасно уредените училници, насекаде може да се видат изработките на учениците, а голем дел од ѕидовите се рачно нацртани дела на наставникот по ликовно.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование