X
 12.01.2018 Живот

Претседателот Иванов има седум дена да пресече дали албанскиот ќе стане службен јазик во Македонија

„Не ми останува ништо друго, освен да го повторам мојот став кој е идентичен со ставот на 17 мои колеги од Институтот за македонски јазик кои предложија овој закон да се повлече сѐ додека не се направи попис на наслението и пред да се отвори јавна стручна расправа“, напиша денеска Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик на нејзиниот профил на социјалната мрежа Фејсбук.



Нејзината реакција, како и многу други следуваа откако 69 пратеници во Собранието на Република Македонија го изгласаа законот за употреба на јазиците. Група граѓани синоќа се собраа пред Парламентот за да го искажат свето незадоволство од изгласувањето на законот, кој според многу македонисти и јазичари е нерален. Законот е сега во рацете на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, кој има седум дена да го потпише указот за да биде прогласен и да стапи на сила. Ако реши да не го потпише, законот ќе се врати во Собранието на повторно разгледување.

Од септември до сега имаше неколку дебати околу овој предлог-закон кој предвидува албанскиот јазик (во законот формулиран како „јазикот кој го зборува повеќе од 20 отсто од населението“) да стане службен јазик во Собранието, Претседателот, Владата и сите институции и сфери во земјава.

Пред еден месец академик Ѓорги Поп-Атанасов од Македонксата академија на науките и уметностите во интервју за Факултети.мк рече дека изгласувањето на законот ќе предизвика албанизација на територијата на цела Република Македонија.

Во продолжение, го пренесуваме остатокот од денешната изјава на Јачева-Улчар:

„Законот во онаа форма во која го имавме на увид беше симптоматичен по многу основи за кои, покрај мене, јавно зборуваа и академик Катица Ќулавкова, и професорките Билјана Ванковска и Гордана Силјановска, и колегите од Институтот за македонски јазик, Симона Груевска-Маџоска, Александра Ѓуркова, Гоце Цветановски, како и голем број интелектуалци Македонци кои живеат и работат во странство.... Овој закон не ја одразува реалната јазична состојба во државава. Во моментов на територијаата на нашава земја не постои двојазичност дури ни онакава каква што имавме во бившата држава кога Албанците ги зборуваа паралелно и двата јазика. Денес ситуацијата со младата албанска и македонска популација е дека ниту едните ниту другите го зборуваат јазикот на другиот, а кохезивно средство за комуникација наместо да биде македонскиот, ќе биде трет јазик. Со овој закон се отвора и прашањето кој јазик ќе се користи во меѓународната комуникација, како и форсирање на албанскиот во однос на македонскиот преку отворање Агенција и Инспекторат за примена на албанскиот јазик... Според ова, сметам дека овој Закон ќе биде вештачки наметнат на целата територија на Република Македонија со огромни финансиски импликации кои најдрастично ќе ги почувствува и онака сиромашното население во земјава“.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот