X
 17.01.2018 Живот

Претседателот Иванов утре ќе стави вето на Законот за употреба на јазиците?

Законот за јазиците не претставува закана за македонскиот јазик. Тој претставува закана за унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија, потенцира претседателот Ѓорге Иванов во својот новогодишен говор, на 26 декември, во Собранието пред сите пратеници


Претседателот Иванов на новогодишното обраќање

Претседателот Ѓорге Иванов нема да го потпише указот за Законот за употреба на јазиците ако се придржува кон својот став дека предлог-законот го крши Уставот на Република Македонија. Овој став тој недвосмислено го потенцира во својот новогодишен говор на 26 декември во Собранието пред сите пратеници. Законот за употреба на јазиците беше изгласан на 11 јануари, со 69 гласа „за“. Рокот за Иванов да го потпише указот завршува утревечер на полноќ. Во меѓувреме, тој се консултира со професори, академици, правници, лингвисти.

- Со овој закон, заради краткорочни политички поени, се доведуваат во прашање трајните интереси на Република Македонија и на македонскиот народ. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не претставува закана за македонскиот јазик. Тој претставува закана за унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија – рече Иванов.

Своите ставови тој ги образложи во пет точки:

  • Прво, барањето за двојазичност е апсолвирано со амандманот 5 од Уставот на Република Македонија, кој произлезе од Рамковниот договор, каде што се регулира прашањето за службениот јазик во Република Македонија. Колку што е опасно неспроведувањето на Рамковниот договор, толку е опасно и излегувањето од рамката што тој ја предвидува. Ќе потсетам дека Република Македонија е унитарна држава на сите нејзини рамноправни граѓани, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, христијани, муслимани, Евреи и атеисти. Тоа е она по што сме различни од другите.

  • Второ, за еден предлог-закон да има европско знаменце, неопходно е да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството на Унијата. Таква директива не постои. Со овој закон Република Македонија ќе стане можеби единствената европска држава што сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара.

  • Трето, нема прецизна терминологија околу тоа што е официјален јазик, службен јазик и јазик во службена употреба. Ваквата непрецизност неминовно ќе се одрази врз имплементацијата.

  • Четврто, законот е репресивен.

  • Петто, оние што тврдат дека предлог-законот е во согласност со Уставот и законите, ќе ги прашам: во согласност со чиј устав и чии закони? Како претседател, во мојот кабинет имав консултации со правни експерти, уставни судии, академици, универзитетски професори, лингвисти. По извршените консултации можам да кажам дека Законот за јазиците не преставува закана за македонскиот јазик. Тој претставува закана за унитарноста на државата. Овој предлог-закон го крши најголемиот закон на државата, а тоа е Уставот на Република Македонија. Кога ќе се прекршат големите закони, не добивате ниту слобода ниту анархија. Наместо тоа, добивате многу мали закони за да го оправдаат кршењето на големите закони.

Иванов вели дека наместо да градиме мултиетничко општество преку општоприфатени закони, се донесуваат репресивни закони без политички дијалог, ниту вклученост на научната и експертската јавност. Тој додаде дека охрабрувачки е што новата Влада најави дека конечно, во 2019 година, ќе се спроведе попис на населението кој ќе даде реална слика за внатрешнополитичката состојба и основа за правата и обврските на граѓаните и на државата.
- Мојата одлука за Законот се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците мора исклучиво да биде во согласност со Уставот и усогласен со законите на Република Македонија. Јас сум претседател на сите граѓани и сакам унапредување на употребата на јазиците на сите заедници, вклучително и на албанскиот јазик. Затоа, ги повикувам лидерите на сите парламентарни партии прво да ги слушнат експертите и да направат квалитетен закон што нема да биде оспорен. Ги повикувам да направат закон што ќе понуди сеопфатно решение што вистински ќе ја унапреди употребата на јазиците, без притоа да создава поделби – рече Иванов.


Амандманот V од Уставот на Република Македонија

Ако реши да не го потпише указот, Иванов ќе мора да образложи со кои делови од документот не се согласува и забелешките да ги достави до Собранието. Пратениците имаат 30 дена да постапат по забелешките на претседателот. Од нив зависи дали ќе ги разгледуваат и имплементираат како измени во Законот или повторно ќе го изгласаат во постојната форма и ќе го достават до претседателот кој, според Уставот, овој пат ќе мора да го потпише указот. Откако ќе биде објавен во „Службен весник“, Законот ќе стапи во сила. Ако некој не се согласува, може да го оспори пред Уставниот суд. Тоа може да го стори секој поединец.


Профeсорките Катица Ќулавкова, Гордана Силјановска-Давкова и Симона Груевска-Маџоска

Три професорки најгласно го коментираа предлог-законот и постојано потенцираа дека документот се коси со Уставот на Република Македонија. Академик проф. д-р Катица Ќулавкова, проф. д-р Гордана Силјановска-Давкова и проф. д-р Симона Груевска-Маџоска аргументираа дека предлог-законот нема врска со евроинтеграцијата на нашата земја, ниту значи хармонизација со правото на Европската Унија. Тие потсетија дека поранешниот претседател Бранко Црвенковски стави вето на Законот за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во РМ и во единиците на локалната самоуправа во 2008 година.
- Редно е претседателот Ѓорге Иванов, барем еднаш, да посегне по вето, не за да манифестира моќ, туку заради правната држава. Ако пратениците повторно го изгласаат со апсолутно мнозинство, на потег е Уставниот суд на РМ, кој мора да го (од)брани Уставот!!! – посочија тие.

Вкупно 17 јазичари од Институтот за македонски јазик предложија предлог-законот да се повлече сѐ додека не се направи попис на населението и пред да се отвори јавна стручна расправа. Елка Јачева-Улчар од Институтот за македонски јазик на нејзиниот профил на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека овој документ не ја одразува реалната јазична состојба во државава.


Проф. д-р Елка Јачева-Улчар

- Во моментов на територијата на нашава земја не постои двојазичност дури ни онаква каква што имавме во бившата држава кога Албанците ги зборуваа паралелно и двата јазика. Денес ситуацијата со младата албанска и македонска популација е дека ниту едните ниту другите го зборуваат јазикот на другиот, а кохезивно средство за комуникација наместо да биде македонскиот, ќе биде трет јазик. Со овој закон се отвора и прашањето кој јазик ќе се користи во меѓународната комуникација, како и форсирање на албанскиот во однос на македонскиот преку отворање агенција и инспекторат за примена на албанскиот јазик... – напиша таа.

Проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд од Правниот факултет и поранешна пратеничка деновиве на „Фејсбук“ имаше обемно излагање и толкување на Законот за употреба на јазиците (ЗУЈ). Меѓу другото, таа напиша:


Проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд

- Најголемата лага е дека не се воведува ефективна и сеопфатна двојазичност на целата територија на државата. Ова е закон кој, со исклучок на меѓународните односи на државата, содржи правен концепт (колку и да е, намерно или ненамерно, хаотично исцртан) за сеопфатно третирање на „друг јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните“ (албанскиот јазик) како втор службен јазик во државата на двете нивоа на власт (централна и локална), хоризонтално и вертикално, и на целата територија на државата, и со бајаги амбициозно поставена „тиранија на малцинството“ во својата суштина – вели таа.

Законот предвидува формирање на агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на Република Македонија и инспекторат за употреба на јазиците. За функционирање на новите институции ќе бидат потребни 16 милиони денари од годинашниот буџет, а дополнително ќе треба да се обезбедат уште 90 милиони денари кои ќе бидат распределени за различни буџетски корисници за имплементација на одредбите од Законот. Тоа се вкупно околу 1,7 милион евра. Експертите предупредуваат дека за имплементација на сите елементи од Законот ќе бидат потребни многу повеќе пари.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот