X
 16.03.2018 Живот

Нада Бучевиќ, едукациски советник: Децата се наше огледало, ако ви се допаѓа одразот продолжете така, ако не - почнете ја промената од себе

Нада Бучевиќ, професор по кинезиологија, едукациски советник, ко-автор на програмата „Сафари на духот“ е и лидер на работилници чија цел е развој на емоционална интелигенција на децата и насоки за мудро родителско одгледување, како и автор на неколку книги. Со неа разговаравме за успешното родителство, за тоа зошто е значајно благодарноста и емпатијата да се научат уште од мали нозе, за најчестите грешки на родителите, како да се порасне зрел, среќен човек подготвен за живот...



Нада Бучевиќ ќе биде дел од втора конференција „Родителството во XXI век“ која во организација на „Касиа ивентс“ ќе се оддржина 31 март годинава

Факултети.мк: Дали успешното родителство се учи?
- Да. Едукацијата е важен дел од сите сегменти од животот, па така и од родителството. Токму кога станува збор за родителството едукацијата е можеби најпотценета, а многу е корисна. Треба да се ослободиме од верувањето дека едуцирањето како да одгледуваме деца значи дека не сме добар родител. Сосема е спротивно. Само добар родител учи како да биде и да стане уште подобар. И ова важи за сите животни области. Дури и секој кој има талент за нешто знае дека е потребна едукативна надоградба за својот талент да го облагороди со знаење. Така се станува стручњак за некоја област, а во овој случај за успешно родителство.

Факултети.мк: Колку вие учите од своите деца?
- Многу, исто како и тие од мене. Тоа давање и примање на знаење е взаемно. Моите ќерки ме потсетуваат на тоа како е како дете да се ужива во животот, додека јас нив ги учам како да се подготват за секое ново ниво во животот. Тие ме учат на забава, а јас нив на одговорност. Ме учат за моментот, а јас нив за иднината. Навистина, сопствените деца ме научија повеќе од многу книги, зашто се што сум читала како теорија, тие ми го докажуваат во пракса.

Факултети.мк: Велите дека децата се наше огледало...
- Да, децата се тоа. Мали огледала и мали сунѓери. Прашањето е дали ви се допаѓа тој одраз во огледалото. Ако одговорот е да, само продолжете да правите се како и до сега. Ако одговорот е не, знаете од каде треба да започнете со промената. Од себе...



Факултети.мк: Кој воспитен модел, според вас, е најприфатлив. Што значи мудро одгледување деца?
- Модел втемелен на вистински животни вредности, зашто тие се тоа што во животот носи љубов, мир и радост. Тоа е она што човекот долгорочно го исполнува, додека останатите „вредности“ се минливи. Ако не сакаме и среќата на нашето дете да е минлива и зависна од надворешни влијанија, тогаш е јасно дека животните вредности се тие кои значат мудро одгледување. Да се одгледува мудро значи, пред се, како родител тоа да се живее.

Факултети.мк: Што е најважно да се усвои уште од мали нозе?
- Апсолутно тоа се благодарноста и емпатијата. Благодарноста е тајна која во секој момент пронаоѓа причина за радост поради се што имаме, наместо тага и разочарување поради нешто што немаме. Благодарноста е таа која не води и до добивање на се што сакаме, како и до квалитетен однос со самиот живот. Емпатија значи дека сме во состојба да почувствуваме емоции на друго човечко битие и дека можеме да се поистоветиме со туѓите емоции. Емпатично дете никогаш нема да наштети на друг човек, а со само тоа и на себе. И не помалку важно, нема да ги доведе родителите во ситуации од кои со право се плашат. Благодарно дете развива емпатија и тоа е она што на овој свет му треба.

Факултети.мк: Велите дека доследноста е најбитна кога станува збор за одгледување деца. Зошто?
- На детето му треба стабилен родител кој држи до својот збор. Така детето се учи за важноста за држењето до зборот. Така се заслужува довербата и почитта на детето. Освен што овие вредности се многу корисни за детето, корисни се и за родителот, бидејќи детето што му верува и го почитува родителот сака да ги следи насоките од него. Дури сака да биде како родителот. Тогаш одгледувањето станува чисто уживање.

Факултети.мк: Работите и со родители и со деца. Каде најмногу грешат родителите?
- Токму во недоследноста. Мислат едно, кажуват друго, а прават нешто трето. Им верувате ли вие на такви луѓе? Имате ли доверба во нив? Ги почитувате ли? Нормално дека одговорот е не. Зошто и како тогаш родителите мислат дека детето ќе ги почитува и ќе им верува? Вака се губат најважните критериуми за леснотијата на воспитувањето. Детето не сака да биде налик на таков родител, а таквиот родител очекува дека детето ќе ги следи неговите насоки и совети. Другиот момент е што и родители не се пример за она што сакаат да биде нивното дете. Штом не се, детето сфаќа дека не знаат ни како да станат, а иако нивните зборови звучат исправно, се поставува прашањето дали некој што не е нешто за што зборува може да дава совети на друг за тоа како тоа да стане. Децата се интелигентни и знаат дека одговорот е не.

Факултети.мк: Постои ли рецепт за тоа како да се порасне среќен човек, способен за самостоен живот?
- Постојат правила кои се многу јасни, само што многумина или не ги знаат или не се држат до нив. Рецептот е едукација и примена.

Факултети.мк: Како родителот да знае дека е на вистинскиот пат?
- Секогаш и само според резултатите. Тоа важи за се. Доколку недостасуваат посакуваните резултати, користиме погрешни методи. И ова треба да се признае и да се едуцираме за поинакви методи од оние кои ги применуваме, а не ни носат резултат. Родителите тогаш се склони да го осудуваат детето, општеството, училиштето, околностите, медиумите и што уште не. Кога ќе ја прифатиме личната одговорност се се менува. Посебно кога станува збор за одгледување деца. Има уште еден начин да се осознае дали како родители сме на вистинскиот пат: Прашајте го своето дете...
Подготвил: Наташа Златкова Бошковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот