X
 29.03.2018 Култура

Премиера на комедијата „Без галама“ на сцената на МНТ - игрива и питка, но комплексна претстава

Љубовта кон театарот нема да згасне никогаш. Во мојата кариера немало претстави што не се играле долго на репертоар – рече актерката и продуцент Весна Петрушевска за новата копродукција на „Брачна игра“ со националниот театар, во режија на Тони Михајловски




Исклучително тежок проект, во кој вложивме многу труд и љубов – тоа е „Без галама“ од Мајкл Фрејн. Ние не сме луѓе кои што сакаме да се жалиме цело време и да чекаме пари од Министерството. Приближно три месеца ја подготвувавме претставата, за која посакуваме да се бара карта повеќе. Уште еднаш ми се потврди дека комедијата е многу тежок жанр за работа – рече актерката Весна Петрушевска, по повод премиерата на новата претстава „Без галама“, која ќе се случи в сабота (31 март), на сцената на Македонскиот народен театар. Претставата што ја режира Тони Михајловски, е копрокција помеѓу „Брачна игра“ и МНТ.

Освен Весна Петрушевска, во претставата играат: Игор Џамбазов, Камка Тоциновски, Нино Леви, Арна Шијак, Александар Михајловски, Емилија Мицевска, Александар Ѓорѓиески, Стефан Спасов, а се појавува и режисерот.
Сценографијата е на Татјана Христоска, костимите ги изработија Сињори (за актерите) и Ивана Кнез (за актерките).

Петрушевска која е и продуцент на претставата објаснува дека го адаптирале текстот и го прилагодиле да функционира за сега и овде.
- Михајловски како режисер е многу детален и не дава да кратиме во текстот, се дури тој не пресече. Нема нешто што може да го замислите, а што нам не ни се случи за време на подготовките на претставата, како Мајкл Фрејн за нас да ја пишувал претставата. Првата реприза е на 1 април, а следната - на 14 април. Ова е претстава која бара кондиција и во договор со директорката на МНТ, Симона Угриновска се договоривме да ја играме почесто, се разбира, колку што ќе ја бара публиката. Со оваа претстава докажуваме дека и со помалку пари се прави претстава – вели Петрушевска.


Таа додава дека со помош на неколкумина добри пријатели и компании кои што го сакаат театарот.
- Љубовта кон театарот нема да згасне никогаш. Во мојата кариера немало претстави што не се играле долго на репертоар. Сценографијата и костимите ни се готови две недели пред премиерата, што ретко се случува во национален театар – вели актерката од МНТ.
Овој текст под насловот „Зад кулисите“ досега неколку пати е поставен на неколку национални сцени во земјава. Петрушевска објасни дека намерно го смениле насловот, сакајќи фокус да стават токму на атмосферата зад завесите, каде постојано се бара актерите да бидат тивки додека тече одредена сцена.
Претставата е позитивна трошка надеж, игрива, питка, а многу комплексна, рече креаторката Ивана Кнез.
- Тоа е исто како оние фризури што ви изгледаат дека се направени како да немате фризура, а всушност треба пет часа за да се направат. Се помалку се дава вредност на театарските претстави, а според мене, Македонија има одлични актери, многу подобри од каде бил ошто сум ги гледала по светот. Би му порачала на Министерството за култура повеќе да вложува во оваа дејност – рече костимографката.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура