X
 31.03.2019 Живот

Од бебиситерка до продуцент на „Ѕвездени патеки“, карамели од ајвар, џем од виски се прават на ТМФ, како средношколци со донација заминаа на фестивал... Што истражувавме минатата недела?

Во нашата добро позната рубрика „Кога бев студент“ ни гостуваше актерката Весна Петрушевска, која 25 години е речиси постојано присутна на македонската театарска сцена и токму периодов го одбележува својот значаен јубилеј


Скопјанка заминала во Њујорк да работи како бебиситерка, а сега е продуцентка во „Ѕвездени патеки“, студенти од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ заедно со неколку професори прават ремек-дела од храна со кои ги одушевуваат посетителите на различни настани, четворица средношколци од аматерската група „Репетиона 04“ од Штип учествуваа на Меѓународниот театарски фестивал „Океан љубов“ во Пазарџик, откако група филмски и театарски професионалци од овој град одлучија да ги поддржат парично... Ова се само дел од темите што ги објавивме на Факултети.мк.


Холивуд е посакувана дестинација за сите што сакаат да се најдат на големото филмско платно или да учествуваат во негово создавање. Не секому му успева. А замислете колкумина стигнале таму и без да сонуваат. Е, таква филмска приказна има скопјанката Александра Кочоска-Дековиќ. Дипломирала англиски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје во 2010 година, па одлучила да замине во САД да работи како бебиситерка во Њујорк.


Александра Кочоска-Дековиќ

Денес Александра се потпишува како продуцент на визуелни ефекти на неколку американски хит-серии, меѓу кои „Ѕвездени патеки: Кратки филмови“, „Заспаната долина“ (Sleepy Hollow), координатор е на визуелни ефекти на првата сезона на „Безгранично“ (Limitless), „Вистински детектив“ (True Detective), а во моментов работи како продуцент на визуелни ефекти на серијата „Ѕвездени патеки: Откритие“.

Карамели од ајвар, џем од виски, перли од „швепс“, дречливи палачинки во вид на чипс, овошна чаша, испишано мени, шише од вино и накит што може да се јадат... Студенти од Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ заедно со неколку професори прават ремек-дела од храна со кои ги одушевуваат посетителите на различни настани. Покрај тоа што имаат шанса да учат и да сведочат како науката може да прави чуда, тие и заработуваат.



Нивната менторка, доцент д-р Јана Клопчевска, ни објасни дека здружени со компанија која организира настани покажуваат дека факултетите може да остварат апликативна дејност, а студентите да заработат за џепарлак.

Студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје воведните курсеви за програмирање ги совладуваат преку веб-систем за автоматско оценување на програмските кодови. Комуникацијата меѓу професорите и студентите, пак, освен очи в очи на предавањата и консултациите, се одвива и преку системот Moodle. Тој се користи за на него да се поставуваат материјали за курсевите, за објавување соопштенија и за тестирања. Ова се само два примера како на ФИНКИ се олеснуваат наставата и учењето со помош на комуникациската технологија.


Проф. д-р Ана Мадевска-Богданова

Проф.д-р Ана Мадевска-Богданова е редовен професор на ФИНКИ, чиј поширок истражувачки интерес е во областа на компјутерските науки (градење интелигентни системи, вештачка интелигенција, медицински информациски системи, интернет на нештата, ИКТ во образованието). Таа ни објасни како изгледа да се студира на ФИНКИ.

Нашата држава има капацитети да изгради достоен систем надарените и талентираните да бидат задоволни од развојот на нивните образовни, социо-емоционални и други потреби многу повеќе од денес. Постојат повеќе иновативни решенија кои надарените и талентираните ќе ги стави во поактивна, нова позиција каде што ќе имаат шанса и моќност да го прикажат и развијат својот креативен потенцијал. Нашата универзитетска практика треба да се ослободи и дистанцира од стереотипни педагошко-психолошки обрасци. Со еден збор, студентите треба да дебатираат, истражуваат, критички да размислуваат, да се спротивставуваат, аргументираат, со што би се ослободил нивниот креативен потенцијал – смета проф. д-р Љупчо Кеверески, раководител на постдипломските студии наменети за надарените и талентирани деца на Педагошкиот факултет во Битола. Тој во интервју по повод одбележувањето на ЕУ денот на талентите 25 март ни објасни каков е нашиот третман кон студентската популација која се издвојува од просечноста.



Четворица средношколци од аматерската група „Репетиона 04“ од Штип учествуваа на Меѓународниот театарски фестивал „Океан љубов“ во Пазарџик, откако група филмски и театарски професионалци од овој град одлучија да ги поддржат парично. Иако Соња, Ана, Борче многупати тропнале на вратата на Општината за да замолат за едвај 100 евра за патни трошоци, поддршка не добија.


Потер и Рибарска со средношколците

Благодарение на иницијативата на дизајнерот на звук Сашко Потер Мицевски, беа собрани 100 евра колку што им требаа на младите аматери за патни трошоци. Во убавиот гест учествуваа актерките Јелена Јованова, Наташа Петровиќ, Сања Арсовска, Душица Тренева-Зафировски, монтажерките Сандра Ѓоргиева и Тања Рибарска.

Во нашата добро позната рубрика „Кога бев студент“ ни гостуваше актерката Весна Петрушевска, која 25 години е речиси постојано присутна на македонската театарска сцена и токму периодов го одбележува својот значаен јубилеј.
Весна ни раскажа дека е многу среќна што Горан Стефановски им предавал светска драматургија. Ги обожавала разговорите со него на многу теми поврзани со театарот.


- Уште на првиот час влезе и ни рече: „Шекспир е лопов“. Од професор тој ми стана пријател. Тој човек носеше цело богатство со себе. Еднаш Југословенско драмско позориште играше претстава на Унко, знам беше некое дело од Шекспир. Во претставата играа Жарко Лаушевиќ, Мира Фурлан. По претставата Горан ни рече: „Да дојдете, да се запознаете со глумците, да направите муабет. Како инаку ќе размените искуства?“ А нам ни беше незгодно, да не им пречиме. Така го запознав Жарко - се потсетува Весна.
Била одушевена од големиот актер Ненад Стојановски, од кого научила што значи голем актер и голем човек. Немала среќа да игра на сцена со легендарниот актер, но тој продуцирал две претстави во кои таа играла.

И оваа недела истражувавме каков е третманот на државата кон нашите талентирани и надарени деца.
Тие не заминуваат на меѓународни научни олимпијади зашто нивните родители не можат да ги поднесат трошоците, универзитетски професори (доктори на науки) ги молат газдите на приватни фирми да им ги спонзорираат авиобилетите, нашите иселеници во Шведска организираат донаторски вечери за нашите надежни ученици да заминат на меѓународен натпревар...



Ова се само дел од проблемите со кои се соочуваат нашите тимови кои учествуваат на меѓународните јуниорски олимпијади по физика, хемија, математика, информатика, биологија...

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот