И покрај фактот дека човештвото ја проучува анатомијата на човечкото тело неколку илјади години, научниците сè уште откриваат нови тајни во човечкиот организам.
Истражувачите од медицинскиот центар „Лангдон“ во Њујорк идентификувале нов вид орган кој би можел да биде најголемиот во човечкото тело.
Се установи дека она што некогаш се сметало за густо сврзно ткиво кое се протега низ целиот организам, всушност, е мрежа од комори исполнети со течност, што служи како вид амортизер, односно како орган за ублажување удари, пишува „
Дејли мејл“.
Ова откритие не само што помага за подобро разбирање на човечкото тело туку и одговара на прашањето зошто канцерот побрзо се шири кога ќе стигне до определени делови од телото.
Овие поврзани делови, наречени „интерстициум“, се однесуваат како единствено место за проток на течности кое се протега од површинскиот слој на кожата, преку дигестивниот тракт, белите дробови и уринарниот систем, до крвните садови и фасциите на мускулите (еластичната обвивка на сврзното ткиво).
Повеќе од половината течности во човечкото тело се наоѓаат во клетките, една седмина се наоѓа во срцето, крвните садови, лимфните жлезди и во лимфните јазли, а останатиот дел претставува интерстициска (меѓуклеточна) течност.
Научниците тврдат дека меѓуклеточната течност ја пренесува токму интерстициумот, кој претставува засебен орган.
Тој се состои од статични (колагенски) и флексибилни (еластински) протеини на сврзното ткиво, со интерстициска течност која се движи низ целото тело.
Течноста од интестициумот истекува во лимфниот систем и се смета дека е извор на лимфата, која игра клучна улога во функционирањето на имунолошкиот систем.