X
 30.08.2019 Наука

Пронајден череп што открива како изгледале древните предци на човекот

Научниците објавија големо откритие од Етиопија - речиси целосно зачуван череп на раниот човечки предок кој живеел пред 3,8 милиони години, вид што се карактеризира со интригантна мешавина на карактеристики од човек и мајмун.

Фосилот наречен МРД, кој овозможува увид во најраниот период на еволутивна линија што довела до појавата на модерните луѓе, му припаѓа на видот „Australopithecus anamensis“, кој првпат се појавил пред 4,2 милиони години. Се смета за директен предок на „Australopithecusa afarensisa“, вид познат по парцијален скелет Луси откриен во 1974 година на околу 35 километри од локалитет во етиопскиот регион Афар, каде што МРД бил откриен во 2016 година. Луси датира од пред околу 3,2 милиони години.


cerep
Фото: Youtube/Screenshot

- Ова е откритие што се случува еднаш во животот, не постои ништо повозбудливо. Зборуваме за најзачуваниот комплетен череп на раниот човечки предок некогаш пронајден во фосили постари од 3 милиони години - изјави Јоханес Хаил-Селаси, палеоантрополог од музејот за природна историја во Кливленд и главен автор на истражувањето објавено во научното списание „Нејчр“.

Досега единствените пронајдени остатоци од череп на „Аustralopithecus anamensis“ биле делови од вилици и заби, па видот не можел целосно да се објасни. Черепот е клучен за да се дознае нешто за исхраната, големината на мозокот и изгледот на лицето.

- Најновото откритие конечно ќе им овозможи на научниците да му дадат лице на името - изјави палеоантропологот и коавтор на истражувањето, Стефани Меилос, од германскиот Институт „Макс Планк“ за еволутивна антропологија.

- Анатомските карактеристики на овој череп ни помагаат да се карактеризираат видовите, давајќи ни информации за еволутивните односи меѓу видовите - објасни таа.

МРД, кој бил двоножен, можел да се движи и меѓу крошните на дрвјата, а бил многу помал од современите луѓе.

Черепот, откриен околу 550 километри североисточно од главниот град на Етиопија, Адис Абеба, е висок 20 сантиметри, а широк 11,5 сантиметри.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука