X
 22.04.2024 Наука

Брзата храна може да предизвика трајно оштетување на мозокот

Има многу докази дека брзата храна не е добра за нашите тела, а според една нова студија, јадењето храна полна со шеќери и масти може да доведе до трајни оштетувања на меморијата кај глувците што јаделе таква храна уште од мали. Тоа изгледа е резултат на попречувањето на ацетилхолинот, клучен невротрансмитер во мозокот на животните важен за меморијата, од страна на заситените масти и простите шеќери.

- Она што го гледаме не само во овој труд, туку и во некои други неодамнешни трудови е дека ако овие глувци израснале со брза храна, тогаш имаат оштетувања на меморијата кои не се поправаат - вели Скот Каноски, невронаучник на Универзитетот на Јужна Калифорнија.

Во рамките на неодамнешното истражување била поврзана диетата со нездрава и процесирана храна со ризикот од заболување со Алцхајмерова болест подоцна во животот. Со оглед на тоа што ацетилхолинот е вклучен во меморијата и учењето, но вплеткан и во Алцхајмеровата болест - невродегенеративна болест која се карактеризира со проблеми со помнењето - истражувачите кои стојат зад студијата се запрашале што храната со шеќери и масти значи за младите на долг рок.

Во други студии се посочува дека јадењето брза храна може да ја поткопа контролата на мозокот за апетит и дека дебелината може да ја промени способноста на човечкиот мозок да детектира ситост и задоволство откако луѓето ќе јадат храна со многу шеќери и масти.

Чест резултат на тие студии е дека овие видови храна често влијаат врз меморијата, дури и ако се јадат само повремено. Па, што тогаш ако луѓето, или во овој случај глувците, јадат брза храна уште од мали?

Истражувачите ги хранеле глувците со брза храна кога тие биле на возраст од 26 до 56 дена, период кој е паралелен на човечката адолесценција, кога мозокот значително се развива. Друга група глувци на истата возраст јаделе само здрава храна.

На тестовите за меморија глувците хранети со брза храна не можеле да идентификуваат нови предмети на место кое го истражувале неколку дена порано, не можеле да идентификуваат дали познат предмет бил малку помрднат, додека контролната група можела. Овие проблеми со меморијата останале дури и кога групата што се хранела со брза храна преминала на здрава храна 30 дена, што е еднакво на периодот на зрелоста.

Истражувачите утврдиле и дека групата која се хранела со брза храна имала намалени нивоа на протеин кој транспортира ацетилхолин во хипокампусот, регион од мозокот што помага во консолидирање на меморијата и просторните информации.

Понатаму, се покажало дека ова намалување го оштетувало сигнализирањето на ацетилхолинот кај животните кои имале лоши резултати на задачите за меморија, додека лековите кои поттикнувале клетки во хипокампусот да ослободуваат ацетилхолин ја поправале меморијата на животните.

-Сигнализирање со ацетилхолин е механизам кој помага во кодирање и помнење на настаните, аналогно на „епизодна меморија“ кај луѓето која овозможува да помниме настани од минатото. Тој сигнал го нема кај животните што пораснале јадејќи храна богата со шеќери и масти - вели Ана Хејс, водечки автор на истражувањето.

Истражувањето е објавено во „Брејн, бихејвиор енд имјунити“.

Извор: Science Alert
Фото: Pixabay
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука