Во Старата скопска чаршија дуќаните на јажарите, самарџиите, грнчарите, ковачите, шапкарите и лимарите зјаат празни, а сведок на времето во кое турските бегови и аги им се поклонувале на врвните мајстори се само некои искривени рамки со црно-бели фотографии на нивните ѕидови.
Пред повеќе од 120 години, за време на Отоманската Империја, најзанаетчискиот град во Македонија, Велес, имал 45 самостојни грнчарски работилници и 45 мајстори, а била изградена и првата фабрика на Балканот за уметничка керамика. Денес, Македонија е самостојна и независна држава, а старите занаети се на прагот на исчезнување затоа што последните генерации занаетчии немаат кому да ги пренесат своите вештини. Младите се незаинтересирани да ги научат иако се доволно свесни дека тие се нашето културно богатство, нашата историја и идентитет.
Податоците од Занаетчиската комора на Република Северна Македонија и Централниот регистар покажуваат дека во последната деценија бројот на активни занаетчии е во континуиран пад.
- Во последните 10 години бројот на старите занаети, за жал, е во континуиран пад и тоа важи во сите региони и на ниво на целата држава. Исклучок е филигранството, кое ја одржува релативно стабилната бројка од околу 65 регистрирани мајстори. Кај другите занаети состојбата е многу загрижувачка:
• грнчари – околу 15 регистрирани
• шапкари – само 5 регистрирани
• јорганџија – постои само 1 регистриран
• казанџии и опинчари – вкупно 3 регистрирани
• кондураџии – нешто подобра состојба со повеќе од 30 регистрирани
• оџачари – само 2 регистрирани
Овие бројки јасно укажуваат дека категоријата на старите занаети е во сериозен ризик од исчезнување. Секоја година бројот опаѓа, а загриженост предизвикува фактот што кај младите генерации речиси не постои интерес - вели Агрон Фазлији, претседател на Занаетчиската комора на Република Северна Македонија.
Занаетчиската комора веќе обезбеди поддршка преку државни субвенции и во многу локални самоуправи овозможи старите занаети да бидат ослободени од фирмарина. Но, и покрај овие мерки, трендот на намалување останува силно изразен и ги погодува сите делови од државата.
- Причините за овој пад се повеќеслојни - стареење на мајсторите, недостиг на млади наследници, ограничен пазар и конкуренција од индустриското производство - рече Фазлији.
Министерството за економија секоја година распишува јавни повици за поддршка на занаетчиите, а во повеќе наврати и самата Комора има реализирано добро осмислени промоции и настани за поттикнување на занаетчиството.
- Сепак, за жал, во сегашните мерки старите занаети не се системски опфатени. Некои општини ги субвенционираат симболично, но тоа не е доволно за нивно опстанување. Нашиот став како Комора е јасен – бараме од Министерството за култура старите занаети трајно да се субвенционираат и да се третираат како културно наследство. Занаети како грнчарството – едно од најстарите во нашата земја, филигранството, шапкарството и други – треба да имаат официјална заштита, како и финансиска и институционална поддршка за да се одржат за идните генерации - сметаат од Занаетчиската комора.
Претседателот Фазлији вели дека покрај старите занаети, кои имаат културна и историска вредност, нашата држава има растечка потреба и од профитабилните занаетчиски дејности кои се суштински за економијата.
- Водоинсталатерите, плочкарите, електричарите, заварувачите и многу други професии се од витално значење за секојдневниот живот и развој на инфраструктурата. Во регистарот на ЗКРСМ се евидентирани околу 130 занаетчиски дејности, секоја со своја специфична улога и придонес кон општеството - додаде тој.
Во рамките на својот Тренинг-центар, Занаетчиската комора на РСМ организира курсеви за традиционални и современи занаети, обуки за управување со бизнис и дигитален маркетинг, подготовки за полагање мајсторски испити, како и соработка со средни стручни училишта и факултети за комбинирање на теоретско и практично образование.
- Секој занает – било да е стар традиционален мајсторски занает или современа техничка вештина - е дел од нашето богатство. Ако изгубиме уште еден мајстор, губиме знаење што не може да се увезе и вредност што не може да се пресмета во пари. Затоа, потребна е долгорочна, системска
и инклузивна политика за поддршка на сите занаети - заклучи претседателот Агрон Фазлији.
Министерството за економија и труд и годинава објави јавен повик за субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, односно за финансирање на докажани трошоци за набавка на нови машини, алати и дизајн на нов производ, но никој нема да добие повеќе од 2.000 евра.
Вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 3.000.000 денари, а субвенционирани ќе бидат трошоци направени во 2024 и 2025 година. Лани Буџетот на истиот повик изнесуваше 6,5 милиони денари, што значи дека оваа година занаетчиите ќе добијат 55.000 евра помалку од 2024 година.
Помош ќе добијат само вршители на занаетчиска дејност кои имале позитивен финансиски резултат во 2024 година и не биле субвенционирани претходно, а не и оние традиционални занаетчии кои едвај преживуваат и се трудат само да го одржат аманетот од нивните родители.
Занаетчиите што плаќаат паушален данок на личен доход немаат право на учество, а тоа се токму јажарите, грнчарите и чевларите, кои плаќаат паушал затоа што годишните приходи не им надминуваат 1 милион денари.
Град Скопје, исто така, повторно распиша повик за помош на занаетите во изумирање, а сумата поединечно е многу мала: ќе се доделат по 10.000 денари поединечно. За таа цел се издвоени вкупно 300.000 денари кои ќе се доделуваат сѐ до нивно целосно искористување.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, надвор од овие услови или без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.