X
 23.09.2025 Живот

Стив Џобс ги препознавал интелигентните луѓе по една особина

Подготовката за интервју за работа обично подразбира часови и часови вежбање одговори на можни прашања, проучување на историјата на компанијата и смислување паметно прашање за крајот на разговорот. Но, за кандидатите што се среќавале со Стив Џобс во „Епл“ процесот изгледал сосема поинаку.

Џобс честопати користел таканаречен „пивски тест“, односно излегување на пиво со потенцијалниот вработен. Целта не била да се провери колку некој може да испие, туку како кандидатот се однесува надвор од формалното опкружување, без подготвени одговори за своите силни и слаби страни или „петгодишни планови“.

Освен овој тест, наместо стандардни прашања за време на интервјуто, Џобс знаел да ги изненади кандидатите со прашања како: „Што правевте минатото лето?“ или „Кога последен пат постигнавте нешто значајно?“ Одговорите не биле пресудни; важно било да се запознае личноста, а не само нејзините вештини. Џобс често истакнувал дека клучот за успех е собирањето таканаречени „A-играчи“, односно најдобрите поединци во својата област.

- Кога ќе соберете доволно „A-играчи“, тие уживаат да работат едни со други бидејќи претходно немале таква можност - изјавил тој во една пригода. Токму овој пристап кон создавање силен тим го сметал за пресуден за растот и успехот на „Епл“.

Интересно е што Џобс не престанувал со необични прашања ни откако некој ќе ја добиел работа. Според зборовите на Џони Ив, поранешен главен дизајнер на „Епл“, Џобс знаел да праша: Колку пати денес кажа „не“?

Џобс верувал дека одбивањето неважни работи создава фокус и ја зголемува продуктивноста, што се клучни вредности кои ја направиле „Епл“ една од најуспешните компании во светот.

На овие неформални средби Џобс можел да процени и колку е интелигентен некој. За него, интелигенцијата се темелела на способноста да се поврзат точки кои другите луѓе не ги гледаат.

- Голем дел од интелигенцијата е помнење. Но, голем дел е и способноста да се согледа пошироката слика. Како да сте во град и можете да го видите од 80. кат. Додека другите се обидуваат да сфатат како да стигнат од точка А до точка Б читајќи мали мапи, вие ја гледате целата слика. Можете да забележите врски кои изгледаат очигледни затоа што ја гледате целата слика - рекол Џобс.

Психолозите, инаку, разликуваат повеќе видови интелигенција, но две се клучни: кристализирана (акумулирано знаење и факти) и флуидна (способност за учење нови работи и решавање проблеми). Џобс нагласувал дека најголемите умови ги спојуваат двата типа, поседувајќи и знаење и способност за иновативно поврзување.

Примери од вистинскиот живот ја потврдуваат неговата филозофија: Џобс ја користел калиграфијата за инспирација на првите фонтови на „Епл“, Кевин Планк го искористил искуството од фудбалот за време на факултетот за развој на облеката „Андер армор“.

Како што објаснувал Џобс, ако сакате да создавате иновативни врски и да ги поврзувате искуствата, мора да имате различни искуства од другите. Во спротивно ќе ги поврзувате истите работи и нема да бидете иновативни. Единствениот начин да ја одржите флуидната интелигенција на високо ниво е постојано да пробувате нови работи и да се предизвикувате себеси. Колку повеќе знаете и колку вашите искуства се поразновидни, толку подобро можете да го поврзувате старото знаење со новото и станувате уште поинтелигентни.
 
Извор: Dnevno.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот