Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС и Средношколската Академија за Бизнис и Администрација – ПСУ САБА склучија Меморандум за соработка, со кој се отвора поширока рамка за заеднички активности во областа на науката, образованието, медиумите, иновациите и развојот на практични вештини кај младите. Меморандумот е резултат на веќе воспоставена соработка и низа активности преку кои учениците и менторите од САБА се вклучија во иницијативите на УКЛО КОЛОРС.
Една од актуелните и најзначајни точки на поврзување е проектот „Гринстарс – Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“, со кој науката се доближува до граѓаните и младите низ различни активности, меѓу кои Европската ноќ на истражувачи, што ќе се одржи на 25 септември 2026 година и иницијативата „Истражувачи во школи“ што ќе се реализира во текот на целата година.
УКЛО, како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, во следните две години е дел од македонскиот конзорциум кој го реализира проектот во трите главни центри – Битола, Штип и Скопје, во нивните региони, но и низ целата држава. Целите на проектот – популаризација на науката, поттикнување на љубопитноста и активно вклучување на младите – се во непосредна корелација со образовната мисија и практичниот пристап на САБА, отворајќи природен простор за заедничко дејствување со учениците од оваа респектабилна средношколска академија.
Во рамките на проектот „Избери наука!“, УКЛО е носител на активностите за омасовување на оригиналниот пристап #Science4Reel – идејата научните концепти да се преточат во кратки, интересни и разбирливи видеа и на тој начин науката да стане поблиска до сите. Пристапот го иницираше УКЛО-вата иницијаторка на #COLOURSjuniors и радиоводителка на УКЛО ФМ, Ноела Нечкоска, преку своите креативни видеа од научна летна школа. Токму оваа идеја ги поттикна средношколците и менторите од САБА да го прифатат предизвикот и да се вклучат во неговото понатамошно развивање. Од оваа иницијатива произлегува креативна соработка која опфаќа работилници во Академскиот медиумски центар на УКЛО КОЛОРС, обуки преку подкастот „Што го врти светот!“, како и експериментална изработка на видеа од областите лингвистика, македонистика и англистика.
Заедно со средношколците и нивните ментори од САБА, тимот на Гринстарс од УКЛО, ќе ги следи и медиумски ќе ги покрива активностите на Европската ноќ на истражувачи и „Истражувачи во школи“ во текот на целата година. За младите ова претставува можност не само да се запознаат со науката, туку и практично да развиваат низа современи знаења и компетенции: креативност, новинарство, фотографија, видео, графички дизајн, организациски и презентациски вештини, како и тимска работа.
Токму во таа насока, со чинот на потпишување, нагласено е дека добрата соработка не е започната со официјализирање на Меморандумот. Имено, средношколците и менторите од САБА веќе традиционално учествуваат во активностите на ПОГОН ПОГОН , во рамките на иницијативите на Алијансата КОЛОРС, а остваруваат соработка и со факултетите на УКЛО.
Меморандумот за соработка од страна на УКЛО го потпиша ректорот проф. д-р Игор Неделковски. На чин на размена на документот присуствуваа проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, академски раководител на УКЛО КОЛОРС и раководител на Хабот за тројна транзиција и проектот „Гринстарс“, и м-р Бисера Бијелиќ-Стојчевска, координатор за настава во САБА, како претставници на двете институции, со што беше одбележано формалното воспоставување на партнерската соработка.
Взаемната оценка е дека пред потписниците е нов период на кокреација, размена на знаења и искуства и заедничко создавање можности за младите.
УКЛО КОЛОРС и ПСУ САБА продолжуваат заедно – со повеќе наука, повеќе креативност и повеќе простор младите да учат преку практично искуство.
(Комерцијална објава)