Во пресрет на Европската ноќ на истражувачите – Гринстарс „ИЗБЕРИ НАУКА! ГРАДЕЊЕ НА ОПШТЕСТВОТО ПРЕКУ НАУКА И ИНОВАЦИИ“, финансиран од Европската Унија, која годинава ќе се одржи на 25 септември 2026 г. науката ќе излезе од лабораториите и амфитеатрите и ќе им се доближи на граѓаните, особено на младите.
Настанот во Македонија, покрај во Скопје и Штип ќе се одвива и во Битола со цел - низ непосредни средби со истражувачи, презентации, работилници и различни интерактивни активности да се покаже дека науката не е далечна и недостапна, туку е дел од секојдневниот живот и можност за професионална иднина.
Меѓу личните приказни што најдобро ја потврдуваат оваа порака е Ивана Боцевска од Битола. Уште како средношколка, преку олимпијадите по компјутерски науки, го открила светот на истражувањето и решавањето комплексни проблеми. Денес дипломирала и магистрирала на Техничкиот универзитет во Виена со просек 10. добитник е на престижните награди за извонредност на „Siemens“ и стипендијата „Helmut Veith“, денес докторанд и истражувач во Виена.
Нејзиниот истражувачки пат ја однел и до Токио, а зад себе има учества на меѓународни конференции, научни трудови, работилници за деца и млади, како и менторска и организаторска работа во хакатони за девојки.
Нејзината научна област се формалните методи – математички и логички техники со кои се проверува дали компјутерските системи функционираат правилно и безбедно. Во магистерскиот труд се занимавала со безбедноста на блокчејн-протоколите преку теоријата на игри, додека на докторските студии истражува како формалните методи да се применуваат поефикасно на сè посложени компјутерски системи.
Како што вели слоганот “30 years of curiosity that changes the world” славејќи ја акцијата Марија Кири на Европската комисија, во која се вбројува и проектот на македонскиот конзорциум, така и ние констатираме: Зад научните достигнувања на Ивана Боцевска стои нешто многу фундаментално и многу поважно – љубопитноста од каде што започнува нејзината приказна уште до средношколските денови.
УКЛО КОЛОРС: Дали можевте да замислите дека љубопитноста кон компјутерските науки еден ден ќе ве однесе до научна кариера со меѓународни искуства? И колку денес ви значи можноста преку вашиот пример да им покажете на младите во Битола дека науката може да биде возбудлив и достижен професионален пат?
Ивана: Искрено, во тој период не замислував дека еден ден ќе бидам на докторски студии и дека научната работа ќе ме однесе на истражувачки престој во Токио и на конференции во различни делови од светот. Едноставно бев љубопитна, сакав да учам и уживав во решавањето проблеми. Олимпијадите ми покажаа дека знаењето не е само нешто што се учи за оценка, туку начин да се создаваат нови идеи и решенија. Токму таа љубопитност, чекор по чекор, ме донесе до местото каде што сум денес. Не го замислував патот однапред, но токму тоа го прави толку возбудлив.
УКЛО КОЛОРС: Главната порака на Европската ноќ на истражувачите е да покаже дека научниците се обични луѓе со необични професии. Како изгледа еден твој сосема обичен ден како докторанд во Виена – дали постојано си пред екран или има време и за дружење и хобија?
Ивана: Моето секојдневие е динамично и во никој случај не се сведува само на седење пред екран. Дел од денот го поминувам во читање научни трудови, разработување идеи, математичко моделирање и експериментирање со нови методи. Но имам и состаноци со колегите и менторите, истражувачки презентации, како и обврски поврзани со наставата и работата со студенти. Понекогаш секојдневието вклучува и конференции, работилници или истражувачки престои. Секако, останува време и за дружење и лични интереси. Со добра организација може да се постигне здрав баланс, иако не секој ден изгледа исто.
УКЛО КОЛОРС: ИТ-секторот често се гледа само како алатка за брза заработка во приватни фирми. Што е она што тебе ти го понуди научната и истражувачката страна на ИТ-секторот, а што корпоративниот свет и бизнис-секторот едноставно не може да го замени?
Ивана: Неколку години, паралелно со студиите, работев во ИТ-индустријата. Тоа искуство ме научи на тимска работа, одговорност и развивање практични решенија според потребите на корисниците. Тоа знаење и денес многу ми помага, бидејќи ме потсетува дека и најапстрактното истражување треба да има јасна цел и да биде применливо. Академскиот свет, пак, ме привлекува поради можноста да истражувам проблеми за кои сè уште немаме готови одговори. Особено ме интересира како можеме математички да докажеме дека компјутерските системи што ги градиме работат правилно и се безбедни. Истражувањето ми ја дава слободата да поставувам нови прашања, да пробувам идеи чиј резултат однапред не е познат и да придонесувам кон долгорочен научен и технолошки напредок. За мене, токму тоа чувство дека создаваме ново знаење е незаменливо.
УКЛО КОЛОРС: Имаш извонредно CV. Студираше на еден од најпрестижните технички универзитети, Техничкиот универзитет во Виена, и заврши со максимален просек 1,0. Сега таму си докторанд. Многумина мислат дека постигнувањето на таков успех на еден врвен универзитет е „невозможно тешко“. Колкав беше притисокот да се одржи тој успех, како успеа да го постигнеш сето тоа и која беше најголемата жртва?
Ивана: Одржувањето на просекот никогаш не беше моја главна цел. Многу повеќе ме мотивираа проблемите со кои се среќавав и желбата навистина да го разберам она што го изучувам, а не само да положам испит. Добриот успех дојде како резултат на таа љубопитност, континуирана работа и дисциплина. Секако, имаше интензивни периоди и моменти кога требаше да се откажам од дел од слободното време, но тоа никогаш не го доживував како голема жртва. Повеќе го гледав како свесно вложување во сопствениот развој. Мислам дека важни беа и добрата организација, поддршката од луѓето околу мене и фактот што искрено уживав во областа што ја изучував. Не би рекла дека успехот доаѓа лесно, но кога нè водат љубопитноста и вистинскиот интерес, трудот добива смисла.
УКЛО КОЛОРС: Твојот магистерски труд и научни трудови се занимаваат со безбедност на блокчејн-протоколи преку теорија на игри. За слушателите кои не се доволно упатени во оваа област, како би ги објаснила твоите истражувања? Што всушност истражуваш?
Ивана: Мојата област се формалните методи – математички и логички техники со кои проверуваме дали еден компјутерски систем работи правилно и безбедно. Наједноставно кажано, не сакаме само да видиме дали системот функционира во неколку тестирани ситуации, туку да утврдиме дали може да настане проблем во која било од сите можни ситуации. Во магистерскиот труд ги применував овие методи на блокчејн-протоколи. Со помош на теоријата на игри анализиравме како би постапувале учесниците ако секој се води од сопствениот интерес. Прашањето беше: дали протоколот ќе остане безбеден и кога не можеме да претпоставиме дека сите учесници ќе се однесуваат чесно? На докторските студии работам на формални методи во поширок контекст. Целта е ваквите математички проверки да станат поефикасни и да можат да се применуваат на сè посложени компјутерски системи. На некој начин, се обидуваме однапред да ги откриеме слабостите, наместо да чекаме тие да предизвикаат проблем во реалниот свет.
УКЛО КОЛОРС: Од перспектива на некој што поминал низ нашиот образовен систем, а денес истражува и работи во Виена – колку ваквите настани, како Европската ноќ на истражувачите, се важни за приближување на науката до јавноста, за поттикнување на љубопитноста и критичкото размислување, особено кај младите?
Ивана: Настаните како „Ноќта на истражувачите“ се многу важни бидејќи ја изнесуваат науката надвор од училниците и лабораториите и ја доближуваат до секојдневниот живот. Тие им покажуваат на младите дека науката не е само учење факти, туку поставување прашања, проверување докази, правење грешки и барање нови решенија. На тој начин се развиваат љубопитноста и критичкото размислување, а истовремено се руши претставата дека науката е недостапна или наменета само за мал број луѓе. Од моето искуство во работилници и менторски активности со деца и млади, гледам колку многу може да значи непосредната средба со некој што се занимава со наука. Особено е важно младите да гледаат различни примери и да сфатат дека не постои само еден тип човек што може да биде научник.
УКЛО КОЛОРС: Европската ноќ на истражувачите годинава ќе се одржи и во Битола. Што би им порачала на младите кои можеби се љубопитни, но сè уште не знаат дали науката е патот за нив? Што би можеле да добијат ако дојдат, постават прашање, разговараат со истражувач или учествуваат во некоја од активностите?
Ивана: Граѓаните најдобро можат да ги искористат ваквите можности ако активно учествуваат: да разговараат со истражувачите, да поставуваат прашања, да посетуваат демонстрации и работилници и да ги охрабруваат децата самите да истражуваат. Не е потребно претходно знаење – доволна е љубопитноста. Науката влијае врз технологијата, здравството, животната средина и речиси секој аспект од нашиот живот, па затоа е важно јавноста да биде дел од разговорот за нејзиниот развој. За младите би рекла едноставно: не плашете се да прашувате и да пробувате. Не мора уште сега да знаете со што точно сакате да се занимавате во иднина. Понекогаш една средба, една работилница или едно интересно прашање може да биде почеток на сосема нов пат.
Приказната на Ивана Боцевска покажува дека научните патишта често започнуваат со нешто едноставно – љубопитноста да се постави прашање и желбата да се најде одговор. Во шареноликата агенда на бројни настани што ќе се случуваат двете седмици околу и на 25 септември 2026 година, таа како млад докторанд во светски рамки ќе земе учество во Научните рефлексии пред академска публика, но и во целодневните активности за промоција на науката до граѓанството низ неколку главни битолски локации.
Токму затоа Европската ноќ на истражувачите – Гринстарс „Избери наука! Градење на општеството преку наука и иновации“ којшто го спроведува Хабот за тројна транзиција: социоекономска, зелена и дигитална при Универзитетот Св. Климент Охридски - Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, има особено значење: да им овозможи на младите и на граѓаните непосредно да се сретнат со науката, истражувачите и нивните приказни.
На 25 септември 2026 г. науката ќе биде поблиску до сите – и во Битола, заедно со Скопје и Штип, преку УКЛО, заедно со УКИМ, УГД, МАНУ, НЦДИЕЛ, МЕД. Можеби токму една таква средба, едно прашање или една идеја на млад средношколец или основка кои одговараат на научниот квиз на Широк Сокак во потрагата по научното богатство, или краткото видео што младите новинари ќе го снимаат за да доловат иновативна идеја на нивната другарка ќе бидат првиот чекор кон нечија следна голема научна приказна.
(Комерцијална објава)