X
 29.07.2025 Живот

Премногу сон може да биде поопасен отколку недоволното спиење

Одамна се знае дека недостигот на сон е закана за здравјето, но поновите истражувања покажуваат дека ни претераното спиење (повеќе од девет часа дневно) не е безопасно - напротив, може да биде поврзано со поголеми ризици отколку што претходно се претпоставувало. Иако ваквите сознанија можат да предизвикаат збунетост и загриженост, важно е да се разбере што всушност стои зад овие тврдења и што може да значи продолжениот сон.

Сонот, заедно со избалансирана исхрана и физичка активност, е основа на доброто здравје. Додека спиеме, телото поминува низ процеси кои му овозможуваат ефикасно функционирање кога сме будни - од регенерација на мускулите до обработка на спомени и регулирање на емоциите.

На повеќето возрасни лица им се потребни меѓу седум и девет часа сон секоја ноќ, иако постојат исклучоци, па некои луѓе природно спијат помалку, но сепак добро функционираат. Сепак, кај повеќето луѓе редовното спиење помалку од седум часа доведува до намалена концентрација, лошо расположение, зголемен стрес и недостиг на енергија. Хроничниот недостиг на сон го зголемува ризикот од многу болести, како срцеви и мозочни удари, дијабетес, анксиозност, депресија, па дури и одредени видови рак.

Неодамнешен преглед на повеќе од 70 истражувања ја утврди поврзаноста меѓу продолжениот сон и зголемениот ризик од смртност. Освен тоа, долготрајното спиење често се поврзува и со здравствени состојби како што се депресија, хронични болки, зголемување на телесната тежина и метаболички нарушувања.

Сепак, важно е да се нагласи дека овие сознанија укажуваат само на поврзаност, а не и на причинско-последична врска. Со други зборови, само затоа што некој спие подолго не значи дека ќе развие здравствени проблеми. Можно е веќе постојни здравствени состојби како хронични болести, болки или несакани ефекти од лекови да доведат до зголемена потреба за одмор. Во таков случај, спиењето може да биде симптом, а не причина за проблемот.

За лош сон можат да придонесат и фактори како што се прекумерната тежина, пушењето и седечкиот начин на живот, кои сами по себе се ризик за здравјето. Токму затоа не е лесно да се изолира ефектот на самиот сон од општиот животен стил и здравствената состојба. Ако забележите дека спиете многу подолго од вообичаено, тоа може да биде знак дека се случува нешто посериозно со вашето здравје, без вие да сте свесни за тоа.

Имајќи предвид дека поголемиот дел од луѓето не спијат доволно, експертите истакнуваат дека постигнувањето на препорачаното количество сон сè уште е главната цел. Редовната физичка активност, изложеноста на дневна светлина и избегнувањето екрани во вечерните часови можат да придонесат за подобри навики во спиењето.

Идеалното количество сон зависи од поединецот, неговата возраст и здравствена состојба. На пример, децата и тинејџерите често имаат потреба од повеќе сон, и за нив се препорачува меѓу осум и десет часа. Постарите лица, доколку немаат нарушувања во спиењето, имаат иста потреба од сон како и во помлади години, а за повеќето возрасни луѓе, седум до девет часа е оптимално.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот