X
 30.05.2019 Образование

Два социјални експерименти подготвени од студентите по психологија во Свети Николе

Под менторство на доц. д-р Ана Чучкова, студентите од Факултетот за психологија при Меѓународниот славјански универзитет подготвија два социјални експерименти.

Социјален експеримент „Види добро – пренеси точно“

Преку првиот експеримент студентите се потрудија да покажат како се распространува информацијата од човек на човек. Колку умееме добро да гледаме и да слушаме и колку точно умееме да ја пренесеме информацијата. Преку експериментот можеше да се утврди на кој начин се менува вистината со пренесување од едно на друго лице.

Колоната направена од студентите кон средината се разгрануваше во две колони со цел да се види дали ќе добиеме две исти информации. „Експериментот беше повторен двапати и во двата случаи добивавме сосема различни приказни кои немаа ништо заедничко со првата и вистинска приказна – изјавуваат студентите.



На крајот студентите ги покажаа вистинската приказна и резултатите што беа добиени од првата и од втората колона. Резултатите добиени од првата и од втората колона се разликуваа една од друга, како и од вистинската приказна. Заклучокот е дека сите различно ги перципираме и пренесуваме информациите, и со тоа понекогаш погрешно ги пренесуваме информациите и вистината.

Социјален експеримент „Конформизам“


Следниот експеримент беше на тема конформизам, а неговата цел беше да се испита дали луѓето попрво би се одлучиле да се вклопат во група правејќи нелогичен избор или, пак, попрво би донеле логична одлука.

Студентите беа поканети да присуствуваат на кратко предавање од областа на психологијата. Пред да започне предавањето, неколку студенти седнаа насочени кон ѕидот наместо кон професорот. Идејата беше да се види дали останатите студенти ќе го следат нелогичното однесување или ќе ја донесат вистинската одлука.

Во училницата професорот ги покануваше да седнат кој каде сака и смирено дополнуваше дека предавањето наскоро ќе започне. Столовите во училницата беа различно наместени, имаше столови свртени кон ѕидот и кон професорот. Секој од студентите ја имаше слободата да седне како што сака. Забележете дека студентите избраа да седнат кон ѕидот наместо кон професорот, бидејќи сите други студенти седеа така.



Конформизмот е однесување на поединецот во кое тој пасивно ги прифаќа и се приспособува на мислењата и постапките од средината. Стравот од неприфаќање во група беше водечки во донесувањето решение да се направи нешто нелогично. Изборот да се следи групата преовладува по цена да се направи нешто, макар и нелогично, и да се остане во удобна зона на дејствување. Само двајца од студентите седнаа свртени кон професорот, сите други седнаа исто како што седнаа првите тројца, свртени кон ѕидот.

Заклучокот е дека стравот од неприфаќање е причината зошто повеќето избраа да се вклопат во групата наместо да ја донесат вистинската одлука.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование