X
 07.04.2017 Образование

Легендарниот говор на Тито до студентите во 1968 година

На почетокот на јуни 1968 година, избувнаа големи студентски протести во Југославија заради лошата економска ситуација, хроничната невработеност и загриженоста за иднината на земјата и беа запаметени по бруталниот напад на полицијата врз демонстрантите на трети јуни. Полициското насилство врз студентите со кое било оневозможено натамошно организирање на демонстрациите, предизвикало избивање на блокади на факултетите. Студентските протести траеле една недела, а истовремено ширум светот биле организирани слични протести на незадоволната младина.


Фото: Screenshot

Штрајкот бил окончан по телевизиското обраќање на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито, на деветти јуни. Во својот прочуен говор, Тито ја изразил својата подршка и разбирањето за нивните барања, истакнувајќи дека „е среќен со таква младина која ја покажала својата зрелост“.

„Голем број, 90 проценти од студентите се чесна младина за која не сме воделе доволно сметка, во која гледавме само студенти, само ученици во школо, на кои сè уште не им е време да се вклучат во општествениот живот на нашата социјалистичка заедница. Тоа беше погрешно. Ние ги оставивме сами. И таа грешка сега ја согледуваме...

Ние, другари, многу пати сме зборувале дека треба да се води грижа за човекот. А јас сметам дека тие разни инвестиции, луѓето толку многу ги засенија во очите и мислите, така што тие заборавија на човекот...

Некои велат дека ова е одраз на она што се случува во Франција, во Германија, во Чешка... Тоа не е точно. Не е тоа одраз на тие настани. Тоа е одраз на нашите слабости кои се натрупале, кои ние мораме денес да ги разрешиме, а не да обвинуваме за некои влијанија однадвор...“

Сето она што се случувало подоцна, сè уште е предмет на дебати, но останува фактот дека овој говор на Тито ја „постигна целта“, првенствено како изразена јасна почит кон младината и признавањето на одговорноста за нејзините проблеми. Денес, речиси 50 години подоцна, изгледа дека ниту една власт на просторот на поранешната заедничка држава, не е подготвена ниту за едното ниту за другото.


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование