X
 14.10.2019 Култура

Галерија во Кембриџ им позајмува уметнички дела на студентите. Досега ниедно не било оштетено

Галеријата од Кембриџ им дозволува на студентите да ги заменат нивните постери на ѕидовите со уметнички дела. Досега, во период од 60 години, ниту едно уметничко дело не било изгубено или оштетено.

Галеријата „Кетлс Јард“ во Кембриџ уште од 1957 година за симболична членарина им позајмува уметнички дела на студентите од Универзитетот „Англија Рускин“ и Универзитетот „Кембриџ“.

Досега биле позајмени повеќе од 100 уметнички дела од колекцијата со 180 слики. Како што вели портпаролката, програмата за заем е базирана чисто на доверба.

1
Фото: Kettle's Yard


Шемата била основана од Џим Ид, кој го основал „Кетлс Јард“ и верувал дека младите луѓе треба да имаат можност на мир да набљудуваат и да се восхитуваат на уметничко дело.

Вредноста на уметничките дела не е откриена, иако парчињата не се од основната колекција на галеријата.

Сузи Билер, раководител за комуникации, изјави дека галеријата никогаш немала проблем со кражба или оштетување.

- Позајмувањето се заснова чисто на доверба - студентите ги ценат и ги почитуваат делата. Тие можат да ја доживеат уметноста во различно светло и да најдат ново значење секојпат кога ќе погледнат во делото - вели Билер.

2
Фото: Kettle's Yard


Достапните уметнички дела се од британски и европски уметници од 20 и 21 век, кои се добро познати во уметничкиот свет.

- Не се позајмува ништо премногу вредно, од очигледни причини - вели Билер.

- Уметничките дела се лесен начин да направите собите да ги чувствувате како свои - вели таа.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура