X
 02.03.2023 Наша тема

Марјан Славковски, вработен во „Мајкрософт“ во Белград: „Загрижувачко е немањето свест дека постои живот и по студиите“

Праксата мора да биде приоритет по секоја цена. Првите години се работи за искуство и знаење, а дури потоа се работи за пари. Доколку си решил да почнеш со пракса при крај или по дипломирањето, тогаш е веќе доцна и секогаш од другата страна противник ќе ти биде брзиот развој на технологијата. Важно е искуството стекнато од работа во повеќе фирми и познавање на психологијата на крајниот корисник, објаснува Марјан

Сѐ почнало сосем случајно кога Марјан Славковски бил контактиран од регрутер и му била понудена шанса за релокација во  Развојниот центар на „Мајкрософт“ во Србија (MDCS – Microsoft Development Center Serbia). Дотогаш тој не ни знаел дека толку блиску до Македонија е еден од најголемите развојни центри на „Мајкрософт“ во Европа.

Марјан, кој е софтверски инженер, дипломирал на Техничкиот факултет во Битола, веќе втора година е дел од офис-одделот во Развојниот центар на „Мајкрософт“ во Белград. Тој ја опишува работната средина како динамична, со постојани промени. Марјан до неодамна работел на функционалности поврзани со „Аутлук“, а од скоро почнал да работи на функционалности за Ворд онлајн. Неговата работа од почетокот досега претежно се однесува на развој на вештачка интелигенција за разни намени во рамките на „Офис“.

- Ова ми беше прв и единствен обид за излез од Македонија. Носењето таква одлука кога имаш семејство е голем и тежок чекор, но сепак решив да го прифатам предизвикот. Иницијалните тестови ги поминав, како и серијата технички интервјуа кои резултираа со добивање одлична понуда и почеток на процесот за релокација. „Мајкрософт“ има цел тим кој помага таквиот процес да биде што полесен - вели Марјан.

Уште како основец имал афинитети кон електрониката

Уште како основец во струшкото ОУ „Браќа Миладиновци“, Марјан имал афинитети кон електроника, компјутери и сл. Тогаш предметот Информатика бил факултативен, два блок-часа неделно, а нему му бил омилен иако опремата со која располагало училиштето била од почетокот на 80-тите години.

- Средно техничко училиште завршив во Охрид, насока електротехника и електроника, во ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Тогашното образование во поглед на информатиката и во средно и во основно беше доста архаично, застарено и сосема неупотребливо во реален сектор, меѓутоа, техничките предмети нудеа свои предности во стекнување знаења, особено во дигиталната електроника. Не на некое високо ниво, но доволно за оспособување за работа со електроника, познавање електронски компоненти и доволно знаење за да може да се изработуваат најразлични струјни кола како хоби - се присетува Марјан.

Прва генерација на отсекот Техничка информатика (Applied Computer Sciences)

Омилените предмети на Марјан му биле поврзани со импулсна и дигитална електроника. Секако, надвор од школо имало многу чепкање по компјутери, расипувања, поправки, модификации, експлозии, раскажува тој. Оттаму и изборот за студии за него бил прилично јасен.

- Бидејќи веќе бев на технички студии и веќе знаев кои се моите интереси, несомнен беше изборот информатика. Тогаш на Техничкиот факултет во Битола првпат се отвори отсекот Техничка информатика (Applied Computer Sciences). Ние бевме прва генерација, експериментална, нови предмети, доста хаотичен период, меѓутоа, јас и многу други колеги паралелно работевме на разни проекти, учевме нови технологии и веќе имавме стекнато работно искуство до завршувањето на факултетот - додава Марјан.

Марјан ги опишува трите категории предмети што ги имал на факултет како „одредена поголема група предмети кои беа важни за стручно оспособување и надградување, предмети важни според нивниот назив, но очајно лошо обработувани и некои општи предмети увезени од другите факултети“.

- Вниманието го насочував исклучиво кон првата група важни предмети, за вторите мораше да се чита надворешна литература и знаењето да се употреби во пракса, а додека на третата група предмети воопшто не им обрнував внимание. Поради ова, просекот воопшто не ми беше важен - објаснува Марјан.

Има граница до каде може да те спреми факултетот

Официјално почнал да работи во трета година од студиите, а тоа придонело да го одложи дипломирањето за една година, бидејќи целиот фокус му бил на работата, па му било тешко да најде време да ги заврши преостанатите предмети и дипломската работа.

- Со оглед на тоа дека немаше голем избор тогаш, се работеше буквално што ќе се стигнеше. Или се работеше на десктоп-апликации и микросервиси во „Java“, десктоп-апликации во Visual C++, Visual Basic 6, VB.NET и C#. Во подем беше и веб-развојот, претежно фокус на дизајн бидејќи веб-технологиите беа во зачеток и далеку од она што го познаваме денес. Првото официјално работно искуство ми беше како предавач на напреден курс за програмирање во C, C++ и Visual C++ за фирма која беше подизведувач за развој на софтвер за автомобилска дијагностика, потоа продолжив за истата фирма работејќи на валидација и тестирање на софтверот. Потребно беше надградување во однос на тоа колку ме спреми факултетот. Меѓутоа, ова важи и за денес. Има граница до каде може да те спреми факултетот, но за да се стане успешен инженер, треба да се работи паралелно со факултетот, добар инженер треба да има работно искуство пред да дипломира. Потребни се многу пракса и фокус кон стекнување знаења и искуство. На тој начин, по дипломирањето, што побрзо ќе се дојде до добра работна позиција - вели Марјан.

Праксата мора да биде приоритет по секоја цена

Пандемијата на планетарно ниво предизвика сериозни промени во начинот на работа, а големите компании го прифатија хибридниот начин на работа (комбинација од работа од дома и од канцеларија). Со помош на овој тренд, Марјан успева да најде баланс меѓу работата и приватниот живот.

- Хибридниот модел на работа овозможува поголема флексибилност, а со тоа и поголема слобода за извршување на домашните обврски. Времето може полесно да се менаџира. Вечното прашање секогаш е балансот дома-работа, во „Мајкрософт“ имаме безброј дискусии на оваа тема, но сѐ уште трагаме по вистинскиот одговор. Меѓутоа, компанијата овозможува повеќе механизми преку кои може полесно да се организира времето и да се завршат обврски во текот на работниот ден - објаснува тој.

Марјан редовно ги следи разните дискусии во групи за развој на софтвер и технологии каде што се чести огласите за работа и според него, загрижувачко е немањето никаква идеја на младите студенти, односно немањето свест дека постои живот и по студиите. Според него, тоа е најголемиот проблем со кој се соочуваат. Секогаш треба да се има некоја перспектива каде се наоѓаш во моментот и кон што целиш, вели тој.

- Праксата мора да биде приоритет по секоја цена. Првите години се работи за искуство и знаење, а дури потоа се работи за пари. Доколку си решил да почнеш со пракса при крај или по дипломирањето, тогаш веќе е доцна и секогаш од другата страна противник ќе ти биде брзиот развој на технологијата. Важно е искуството стекнато од работа во повеќе фирми и познавање на психологијата на крајниот корисник - објаснува Марјан.

За крај, како некој што е компетентен да одговори за очекуваниот бум во светот на вештачката интелигенција, го прашавме Марјан  како вештачката интелигенција ќе се одрази врз нашите секојдневни животи.

-  Целта на развојот на вештачката интелигенција, пред сѐ, е да помага, а не да предизвика губење на креативноста. Главниот фокус е вештачката интелигенција да помогне за забрзување на продуктивноста, а со тоа и на креативноста. Целта е забрзување и олеснување на креативната работа, па и на другите сфери. Сведоци сме на револуција која може да се мери со револуцијата што ја донесе појавата на интернетот за комерцијални цели - завршува Марјан.

Фото: приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема