X
 03.10.2021 Здравје

Повеќето луѓе би можеле да живеат барем 130 години, според научниците

Луѓето може да живеат барем 130 години, а можеби и подолго според неодамнешно истражување објавено во списанието „Ројал сосаети опен сајенс“. Сепак, шансите дека повеќето од нас ќе живеат толку долго се мали бидејќи ќе ни треба научна револуција во медицинските технологии за оваа возраст да стане очекувана.

Истражувањето спроведено на лица што доживеале над 105-годишна возраст покажало дека ризикот од смрт постепено се зголемува како што старееме, но стагнира во одреден период и оттогаш е константен со 50-50 шанси за живот или смрт секоја следна година.

Ова го покажуваат статистичките податоци анализирани од тим воден од Антони Дејвисон, професор по статистика на Швајцарскиот федерален технолошки институт во Лозана. Според податоците, луѓето може да живеат барем 130 години, а теоретски нема граница за животниот век.


Фото: Pixabay

Сепак, Дејвисон посочува дека шансите за доживување длабока старост се мали бидејќи малкумина ја доживуваат 100-тата година, а уште помалку 110-тата. Според него, шансите да се доживее 130-годишна возраст се една во милион.

Во моментов најстарата личност во светот има 118 години.

Во анализата биле вклучени над 1.100 лица постари од 110 години кои живеат во 13 различни држави и жители на Италија кои доживеале 105-годишна возраст помеѓу јануари 2009 и декември 2015 година.

Извор: Interesting Engineering
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје